Поради немање анестезиолог што би асистирал во првото годинешно породување во кичевската болница, среќната мајка мораше да отпатува за Охрид, каде што е извршено породувањето. Инаку, ова не е прв случај родилки во поодмината бременост да се препраќаат во други градови поради дефицит од анестезиолози во кичевската болница, проблем што со години се провлекува во оваа здравствена установа.
– Денеска ќе беше извршено првото породување во нашата болница во оваа календарска година, но немањето анестезиолог нѐ принуди на идната мајка да ѝ дадеме упат и таа породувањето да го изврши во охридската болница. Поради дефицит од анестезиолози во нашата болница, најмалку педесетина породувања во текот на годината се помалку во нашиот оддел, а овој проблем ќе нѐ следи сѐ додека целосно не се екипира оваа здравствена установа. Инаку, за ваша информација, од година на година бројот на новороденчиња во нашата болница е во опаѓање, така што во 2010 година имавме 420 породувања, додека во изминатава година тој број е речиси преполовен и изнесува 230. Причините за ова намалување на бројот на новороденчиња се должат на иселувањето на младите во фертилниот период, како и на горенаведениот проблем, односно на немањето доволно анестезиолози во нашата болница – истакна д-р Ѓоко Дичоски, гинеколог-акушер во кичевската општа болница. Кичевската болница располага со еден анестезиолог, а во неа се лекуваат околу 70. 000 жители од Кичево, Пласница и од Македонски Брод.