Надлежните служби започнаа со расчистување на теренот во Преспа и проценки на штетите на овошките, по големото невреме проследено со силен дожд и врнежи кое го зафати регионот на Долна Преспа, општина Ресен, каде најпогодени се селата Крани, Долно Дупени, Љубојно, Наколец, Стење, Претор и Штрбово.
Оштетени се покриви, автомобили, од паднати дрвја во авто-кампот „Крани“ оштетени се камп-приколки, паднатите дрвја ги препречиле некои од локалните патни правци, а има и штети на овоштарници и други култури. Невремето предизвика и оштетување и на електричната мрежа.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за земјоделство, Трајан Димковски, заедно со градоначалникот на општина Ресен, Живко Гошаревски, денеска ги посетија населените места во Преспанскиот регион што беа погодени од вчерашното невреме.
Спасовски изјави дека веднаш се преземени мерки за да се заштитат животите на луѓето и активирани се сите владини и локални служби со цел побрзо да се санира состојбата.
– Владата ќе ги ангажира сите можни капацитети, од една страна да се проценат штетите дали се тоа на земјоделски производи или објекти, да видиме колкава е штетата, и од друга страна што побрзо да се санираат штетите – изјави министерот Спасовски.