Деценискиот проблем со депонијата кај обиколницата, со кој многу години не можеа да се справат властите, сега е надминат со ангажманот на само еден човек
Битола со години, ако не и со децении никако не можеше да се справи со депонијата кај обиколницата, на регионалниот пат Прилеп – Охрид. Оваа обиколница со години беше вистинска грдотија, од чиј изглед се срамеа не само жителите во околината на Баирот, туку и најголемиот број битолчани. Од изгледот на обиколницата неретко црвенееја и граѓаните и туристите, кои со своите возила се движеа од Прилеп кон Охрид.
Во изминатиот период ни најпедантните битолски хроничари не паметат колку пати локалните и државните власти најавуваа и преземаа разни мерки и акции за чистење на обиколницата, но, за жал, сите нивни планови, „проекти“ или ангажмани… не даваа резултати. Убеден дека еднаш засекогаш ќе ја исчисти обиколницата, во една пригода тогашниот министер во Владата на Заев, Самка Ибраимовски, дословно рече дека таа ќе биде „силиконска долина“. Но, за жал, таквото негово ветување заврши како и сите претходни, без резултат. Денес сликата на обиколницата над Битола е сосема поинаква.
Тоа што не им успеа на сите локални или државни власти му успеа на Мирсад Мухединов. Благодарение на Мирсад и неговата грижа за хигиената, денес обиколницата над Битола е навистина во добар дел исчистена. Откако во ЈП „Комуналец“ сфатија дека со старите мерки и начини на повремено чистење на обиколницата тешко ќе ја одржат хигиената на тој дел од градот, директорот на комуналното претпријатие, Панде Богоевски, заедно со градоначалничката Наташа Петровска, се договорија да вработат еден човек од ромското население, кој исклучиво ќе има задача да се грижи за хигиената кај обиколницата. Пред извесно време тие го вработија Мирсад Мухединов во ЈП „Комуналец“, кој исклучиво има задача да се грижи за хигиената кај обиколницата и да не дозволи таму повторно да се создава депонија.
Денес од преземањето на оваа мерка резултатите се очигледни. Кај обиколницата веќе нема расфрлано ѓубриште, ниту пак депонија од отпад и таа навистина е во голема мера исчистена. Мирсад Мухединов во целост ја оправда довербата на „Комуналец“ и на градоначалничката Петровска, и барем засега Битола се ослободи од големиот товар што го нагрдуваше ликот на градот, депонијата кај обиколницата. Иако не му беше лесно, бидејќи голем број од неговите сограѓани, кои живеат на тој дел од Битола и кои најчесто го фрлаа(т) отпадот кај обиколницата, го навредуваа и дури му се закануваа, сепак Мирсад успеа да се справи со сите предизвици и проблеми и барем досега ја одржува обиколницата чиста и не дозволува повторно на тој дел од градот да се прави депонија.
– Со оглед на тоа што поради фреквентноста на сообраќајот на тој регионален пат не можат да се движат возилата на „Комуналец“, секој ден Мирсад Мухединов своето работно време го поминува во собирање и складирање на ѓубрето во најлонски ќесиња, кое го оставаат жителите од тој дел на градот. Подоцна камион на ЈП „Комуналец“ поминува и ги подигнува ќесињата, па така не се создава депонија, а обиколницата останува чиста – вели директорот на „Комуналец“ Панде Богоевски.
Мирсад Мухединов вели дека е пресреќен што ја оправда довербата, која му беше дадена, и успеа да ја исчисти обиколницата и што со својот ангажман придонесе и тој дел на Битола да биде чист.
– Навистина сум премногу среќен што ја оправдав довербата не само на моите претпоставени во ЈП „Комуналец “, туку и на моите сограѓани, кои во почетокот не веруваа дека јас ќе успеам сам да ја одржувам хигиената на обиколницата. Да бидам искрен не ми беше лесно, бидејќи имаше луѓе, од кои некои се мои соседи, кои не можеа да се помират со дисциплината што им ја наметнав. Но сепак на крајот и тие сфатија дека сите ние заедно треба да се грижиме за хигиената – вели Мирсад Мухединов.