По долгиот топол период, следува драстична промена на временските услови. Од утре температурите во Македонија ќе опаднат за 10-15 Целзиусови степени, а од среда наутро утринските може да паднат и околу нулата, најавуваат од Управата за хидрометеоролошки работи. Се очекува дневната температура во поголем дел од земјава да се намали за околу 10, а на места и за 15 степени. Но она што веројатно најмногу ги интересира граѓаните е какво време ќе имаме в недела, на денот на референдумското изјаснување.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека в недела, на денот на гласањето за референдумот, цел ден ќе врне, а температурата ќе се движи од 19 до 26 степени. Силниот дожд в недела доаѓа по долгите сончеви денови што ги имавме изминатиот период. Меѓу народот има мноштво различни верувања за симболиката на дождот и временските услови.
Дали и кому повеќе му оди во прилог промената на времето од аспект на политичко-партиските калкулации за одзивот на денот на гласањето и ефектите врз референдумот, останува да се види.