Фото: Маја Јаневска-Илиева

ГОЛЕМ БРОЈ РЕАКЦИИ И ПОДЕЛЕНИ МИСЛЕЊА
ПО НАЈАВАТА ЗА ОДЕЊЕТО НА УЧИЛИШТЕ

Полемизирајќи по ова прашање, според ставовите, се издвоија неколку групи граѓани чии членови се родители. Генерално, едни се за поддршка на онлајн наставата, а други се за настава со физичко присуство. Додека се кршат копјата, одговорните остануваат на ставот дека учебната година започнува со физичко присуство!

Учебната година од први септември започнува со физичко присуство во основните и средните училишта, а наставата ќе се одвива под здравствени протоколи. Оваа одлука на Владата, која беше соопштена минатата недела, предизвика лавина реакции во јавноста и ги подели родителите на учениците.

На социјалните мрежи има неколку групи чии членови се родители. Едни се за поддршка на онлајн наставата, а други се за настава со физичко присуство. Додека се кршат копјата, одговорните остануваат на ставот дека учебната година започнува со физичко присуство.
– Сега е значајно сите заеднички да ги почитуваме протоколите и да имаме што поголема вакцинација за да го заштитиме јавното здравје, бидејќи нема подобро образование од она во училишните клупи. За да се зачува континуитетот на образовниот процес, МОН е подготвено со уште две резервни сценарија за одвивање на наставата, кои би се применувале по процена на Комисијата за заштита од заразни болести. Физичко присуство до моментот додека ни дозволува Комисијата за заразни болести ќе се спроведува. Ако влеземе во ризик, ќе го менуваме сценариото што ќе ни биде посочено како соодветно. Сите искуства во светот покажуваат дека во училниците треба да се спроведува настава. Децата што ќе одат во изолација ќе им биде овозможено да следат онлајн настава – рече неодамна министерката Мила Царовска.

Наспроти ваквите најави, има родители што реагираат остро.
Кога ќе хоспитализирате деца и кога сите ќе се разболиме дома, тогаш ќе биде доцна. Некој мора да одговара за здравјето на учениците – смета една мајка на ученичка.
Друг родител прашува колку треба да се влоши епидемиолошката слика за да учат децата онлајн.

Секој ден имаме над 1.000 нови заболени лица и многу починати, а добар дел од нив се млади. Бараме онлајн настава, па ако се подобри состојбата со вирусот, тогаш да се решава за физичка настава. Мора да се воведе и домашно школување, кое ни е повеќе од потребно, по примерот на други развиени земји – вели тој.

Некои родители предлагаат во првото полугодие да се учи онлајн.
Потоа ќе видиме, зависи од ситуацијата со пандемијата. Неодговорно и злобно е што се прави ова со учениците и наставниците. Кому толку му значат три-четири месеци од првото полугодие да бидат со физичко присуство? Ризикот и цената што ќе ја платиме се преголеми. Здравјето на децата и на сите нас е пред сѐ – вели родителка.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пред два дена и УНИЦЕФ го поддржа отворањето на училиштата со физичко присуство, од каде што сметаат дека тоа е во најдобар интерес за учениците.
– Со соодветни засилени превентивни мерки во училиштатa и одговорно следење на протоколите, и минатата година покажавме дека во училиштата каде што се одвиваше настава со физичко присуство немавме ширење на вирусот. Апелирам на почитување на мерките за заштита од учениците, наставниците и родителите. Онлајн наставата е излезно решение, но за да го заштитиме менталното здравје на децата, тие треба да ни бидат во училница. Тоа ќе го направиме оваа учебна година. Ако има интерна трансмисија на вирусот, тогаш ќе го примениме второто или третото сценарио. Училиштата ќе успеат по протоколи да ја започнат учебната година. Како ќе се движиме зависи од сите нас. Родителите да ги посочуваат протоколите и дома кога разговараат со нивните деца, важно е да се укаже дека тие треба да се почитуваат заради сите нас – вели Царовска.

Минатата година со помалку од 20 ковид-случаи на ниво на држава, сите градинки, училишта и факултети во државата беа затворени и учениците и студенти преминаа на учење од дома. Сега, по една и пол година, на дневно ниво има повеќе од 1.000 случаи.