Рокот од шест месеци што беше даден во согласност со договореното во Преспанската спогодба истече вчера, а македонските власти прифатија овој симбол да биде тргнат од државните институции, додека на спомениците што упатуваат на тој период да бидат истакнати ознаки дека се дел од античката хеленска историја и цивилизација
Сонцето од Кутлеш, симбол што беше употребен на првото државно знаме по прогласувањето на независноста на земјата, повеќе не смее да стои на ниту еден споменик, институција или јавно место.
Рокот од шест месеци што беше даден во согласност со договореното во Преспанската спогодба истече вчера, а македонските власти прифатија овој симбол да биде тргнат од државните институции, додека, пак, на спомениците што упатуваат на тој период да бидат истакнати ознаки дека се дел од античката хеленска историја и цивилизација.
– Во рок од шест месеци од влегувањето во сила на оваа спогодба, втората страна ќе го преиспита статусот со спомениците, јавните згради и инфраструктурата на нејзината територија и доколку тие на кој било начин упатуваат на античката елинска историја и цивилизација, што претставува составен дел од историското или културното наследство на првата страна, ќе преземе соодветни корективни дејства за делотворно да го разгледа прашањето и да обезбеди почитување на таквото наследство – се вели во членот 8, став 2 од Преспанската спогодба.
Веќе во став 3 од истиот член се наведува дека македонската страна нема повторно да го употребува овој симбол.
– Втората страна нема повторно да го употребува на кој било начин и во каква било форма симболот порано истакнат на нејзиното поранешно државно знаме. Во рок од шест месеци по влегувањето во сила на оваа спогодба, втората страна ќе пристапи кон отстранување на симболот истакнат на нејзиното поранешно државно знаме од сите јавни места и од јавна употреба на нејзина територија. Археолошките артефакти не спаѓаат во опфатот на оваа одредба – се вели во став 3 на членот 8.
Македонската влада на седница одржана на почетокот на јули побарала надлежните институции да достават информација за спомениците, јавните и другите инфраструктурни објекти чии имиња се дел од античката хеленска култура и цивилизација, во чија надлежност се тие во однос на поставувањето и одржувањето и кој е носител на авторските права, доколку станува збор за уметнички дела.
Употребата на старото државно знаме никогаш и не престана, па во помал обем можеше да се забележи најмногу на спортски натпревари, но и на свадби, а често може да се види и на индивидуални објекти во некои македонски општини.
Пред два месеца на спортски натпревар во Струмица дојде до конфликт меѓу обезбедувањето и дел од навивачите што го виореја знамето со симболот од Кутлеш.
– Никој нема да ми забрани да го употребувам државното знаме со сонцето од Кутлеш. Тоа за мене е единственото македонско државно знаме, другово е донесено под притисок на Грција. Во Влада нека си менуваат што сакаат, јас ќе си истакнувам она што си го чувствувам најблиску до душата – вели Круме Г., жител на скопско Сопиште.
Тој додава дека ова знаме го виори и кога оди на спортски натпревари и тоа ќе го прави и во иднина.
– Ако сакаат, и нека ме казнат, ама за мене тоа е државно знаме и точка. Сменивме име, ни го менуваат и идентитетот, уште душата да ни ја земат – револтиран е Круме.
Од Владата информираат дека во однос на симболот на поранешното знаме (сонцето од Кутлеш), државата има преземено обврска уште во 1995 година со Привремената спогодба, конкретно членот 7 став 2, дека нема да го употребува симболот во јавен простор од страна на јавни и државни институции. Користењето на симболот во јавен простор од страна на јавни и државни институции е регулирано уште во 1995 година.
– Обврските од договорот се имплементираат во согласност со договорот и предвидената динамика. Во целиот процес има комуникација и соработка со грчката страна. Обврските и трошоците поврзани со имплементацијата на договорот се на товар на надлежните јавни институции што ги имплементираат предвидените активности. Преспанскиот договор создава обврски за државите и јавните институции на двете страни. Тие се задолжени за неговата имплементација. Договорот не создава обврски за приватни лица и приватни ентитети, но државата и јавните институции ги охрабруваат и поттикнуваат приватните лица и приватните ентитети доследно да го почитуваат и применуваат договорот во практиката – велат од Владата.
Како и да е, државата ги прифатила обврските и ќе мора да ги спроведува, додека убедувањата на некои граѓани се нивни и лични, така што тешко ќе се сменат со некаква одредба.