Владата е подготвена да го разгледа предлогот на опозицијата за набавка на терминали со кои би се земале отпечатоци од прсти при спроведување на пописот во април, наредната година. Сепак, од Владата порачуваат дека на пописот не му се пристапува со политички мотиви, туку дека тоа, пред сѐ, е статистичка операција, под мониторинг на Евростат.
– Ова се разгледува од надлежните институции, но сакаме да потсетиме дека спроведување на пописот е во интерес на сите граѓани. Државата треба да ги знае точните статистички податоци и тоа е операција што повеќе не смее да ја одложуваме затоа што нејзиното организирање е за општо добро. Треба сите да бидеме свесни колку ни се неопходни тие податоци што треба да ги даде пописот за планирање на развојот на државата. Државниот завод за статистика непречено ги извршува сите подготовки за организирање, за да се случи тоа во април 2021 г. Во пописот нема политика, ова е статистичка операција, ова е под мониторинг на Евростат – изјави на прес-конференција владиниот портпарол Муамед Хоџа.
Предлогот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кој во јавноста го изнесе лидерот Христијан Мицкоски, е да се набават 10.000 терминали за земање отпечатоци од прсти при спроведување на пописот. Тој најави и повеќе амандмани на Законот за попис, но посочи дека опозицијата не може да го блокира неговото донесување, затоа што во собраниска процедура е влезен со европско знаменце. Според Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи попис како што планира Зоран Заев, затоа што со таков попис ќе излезе дека Македонија има три милиони жители.
– Ваков, како што е конципиран, пописот нема да го признаеме. Затоа даваме предлог, да набавиме 10.000 терминали, да попишеме резидентно население, а не замислено население. И да знаеме колку население точно имаме. Треба да ѝ кажеме на јавноста што можеме, а што не можеме. Ние бараме да биде вистински статистичка операција, а нема потреба од два потписа. Еве, да одиме преку фингерпринт-терминали, односно единици каде што ќе се чита отпечатокот на прст – вели Мицкоски, додавајќи дека Законот за попис е класификуван како дел од европските директиви, поради што амандманската расправа за него е ограничена.
Пратениците со 61 глас „за“, без ниту еден глас „против“ и без „воздржани“, го поддржаа предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите во прво читање, со што тој ја продолжува собраниската процедура. Но за него не се изјасни опозицијата, која претходно ја напушти собраниската сала, пред почетокот на годишното обраќање на претседателот Стево Пендаровски.
Пописот треба да започне на први април наредната година, а ќе го спроведува Државниот завод за статистика. Се очекува податоците да бидат готови за шест месеци. Пописот ќе биде со комбиниран метод, односно за разлика од претходните години, ќе има електронски прашалници на лаптопи и ќе има комуникација со бази од каде што автоматски ќе се преземаат податоците и ќе се дополнуваат од терен.