Фото: Игор Бансколиев

Истражувањето на реномираниот британски „Економист“ покажува дека ќе треба да поминат повеќе десетици години, па и децении за промената на името на некоја држава да биде прифатена од јавноста

Што претставува името? На ова едноставно прашање веројатно ќе добиете најразлични одговори во зависност од аголот на гледање. Така, според одредени мислења, името е сѐ и во него се вградени и идентитетот, историјата, културната и јазична посебност на еден народ, односно држава. Но има и спротивставени мислења дека името е всушност само знак на идентификација и распознавање за олеснета комуникација меѓу субјектите, а идентитетот е нешто сосема друго.

Што констатира, а што истражуваше британски „Економист“

На 25 јануари, по неколкумесечни преговори, пратениците во Грција гласаа да го признаат својот северен сосед Македонија како Северна Македонија, со што му ставија крај на 28-годишниот спор со малата балканска држава и го отворија нејзиниот пат за прием во НАТО и во ЕУ.

Македонија не е единствената земја што во одреден временски период го променила своето име. Во 2016 година, Чешка ја усвои Чешка како официјална кратка верзија на нејзиното име, а африканското кралство Свазиленд лани беше преименувано во Есватини од својот семоќен монарх.

Земјите ги менуваат своите имиња од различни историски и културолошки причини.
За Есватини, целта беше да се надмине колонизаторското минато и да се нагласи африканскиот идентитет. Таа беше една од неколкуте африкански земји, кои и по стекнувањето независност избраа да го задржат името што го користеа нивните европски колонизатори. Целта на Чешка беше многу попрактична. Земјата се надева дека краткото име ќе биде подобро приспособено за неформална употреба, на ист начин како што „Словачка“ се користи за Република Словачка.

Но истражувањето на „Економист“ покажува дека понекогаш е потребно да помине многу време да бидат прифатени новите имиња на земјите. Прегледот на некои од најзначајните такви промени во 20 век, преку користење на податоците од „Гугл нграм вјуер“, база на податоци со над пет милиони печатени дела, сугерира дека може да поминат многу години пред новото име да има широко распространета употреба.
Еве само неколку конкретни примери и показатели.

Откако поранешната британска колонија Цејлон го усвои името Шри Ланка во 1972 година, беше потребно да помине повеќе од една деценија за новото име да биде споменувано повеќе од претходното во книжевните дела.

Името Зимбабве го надмина името Родезија за околу половина од тој период. Кога воената хунта на Бурма го промени името на земјата во Мијанмар во 1989 година, некои странски влади не сакаа да ја признаат промената, со образложение дека тоа би можело да се смета како потврда на легитимитетот на режимот. До 2008 година, името Бурма сѐ уште се споменуваше во книгите на англиски јазик и тоа над двапати повеќе од Мијанмар.

Дилема на „Економист“: Ќе добие ли Северна поддршка во јавноста?

Во контекст на претходно кажаното и истражувањето на „Економист“, во моментов останува нејасно како новото име на Македонија „ќе легне“ во домашната и во меѓународната јавност и колкав ќе биде опсегот на негова употреба.

„Економист“ сѐ уште се двоуми со заклучокот и вели дека „останува да се види и дали Северна Македонија ќе добие поддршка од јавноста“, односно како ќе ја распознава светот Македонија. Тие додаваат дека името допрва треба да се достави до базата на податоци на Обединетите нации со географски имиња, додека „Гугл мапс“ сѐ уште ја именува земјата како „Македонија (ПЈРМ)“, а за промена е потребно време.

Дали во случајот со Македонија тоа ќе се мери во години или децении, ќе дознаеме подоцна низ практични примери од животот или преку некое ново истражување.
Но „Економист“ е дециден во една констатација: „По повеќе години, спорот околу името на царството со кое некогаш владеел Александар Велики, конечно може да замине во историјата“. Ќе замине ли уште нешто во историјата?
Н.М.

Името Свазиленд е избришано од називот на универзитет во очекување на новиот назив