Во духот на Меѓународниот ден на жената-8 Март, Управата за сигурност во железничкиот систем, денеска и даде дозвола за работа на Зорица Петрова, првата жена-машиновозач.
– По прв пат во историјата на нашата железница ќе дадеме дозвола на машиновозач-жена. Дозволата со намера ја даваме на денешниот ден за да има поголема смисла. Нашата институција се залага за еден цивилизираниот свет, свет каде жените ќе имаат повеќе права во сите делови каде можат да придонесат во општеството, посочи директорот на Управата за сигурност во железничкиот систем, Абдул Кадир – Исаки.
Директорот додаде дека фактот што главниот инспектор во железницата е жена значи дека железницата е предводена од жени, односно тие се ставени на клучните позиции, и затоа, како што рече тој, развојот на железницата најмногу зависи од жените.
Првата жена-машиновозач Зорица Петрова, посочи дека се надева да стане првата вработена жена-машиновозач во државата и дека со овој гест повеќе ќе се крене менталитетот на македонските железници.