Вистинска зимска идила владееше во текот на изминатава недела на врвот на Водно, додека Скопје се задушуваше во магла и во смог. Како што забележа екипа на „Нова Македонија“, деца и млади од сите возрасти, но и оние највозрасните, кои можеа да си дозволат излети во текот на работната недела, уживаа во чистиот воздух и во прекрасните глетки. Сонцето ги распослало своите зраци насекаде, а снегот, иако не во големи количества, сепак беше доволен за санкање и за други зимски радости.
– Оваа зима секој ден го шетам внукот по неколку часа на врвот на Водно. Бегаме од загадувањето во градот. Тој е второодделенец и порано секоја година овој период добиваше бронхитис и завршуваше на клиниката за белодробни заболувања во Козле. Откако почнавме да доаѓаме на Водно во текот на зимата, проблемите престанаа и повеќе не заболува – вели еден пензионер, кој задоволно го набљудуваше своето внуче како се санка.
А панорамата наоколу открива колку загадениот воздух е вклештен меѓу планините, оставајќи ги градовите под слоевите смог и магла. Од една страна Шар Планина во сиот свој сјај, од друга Јакупица блеска под јануарското сонце, Скопска Црна Гора се распослала наспроти Водно… Долу црн чад. Нешто почист воздух почнува да се чувствува дури на околу 700 метри надморска височина, а на 1.000 метри се забележува и линијата до која допира загадувањето.