Претседателот на Владата, Зоран Заев ја отвори работата на 171 седница на владата која вечерва заседава во Куманово.
На седницата, како трета од низата од 10 седници што еднаш месечно, се одржуваат во десет различни региони во државата, централна точка на дневниот ред е – Информација за состојбите и извршените посети во општините Куманово, Крива Паланка, Кратово, Липково, Ранковце и Старо Нагоричане.
Според вообичаената пракса за овие седници, на неа присуствуваа градоначалниците на овие општини.
Во воведното обраќање на седницата, премиерот Заев истакна дека во агендата на оваа седница имаме неколку точки кои се од интерес на граѓаните и општините од овој регион.
– За оваа седница имаме неколку предлози за донесување одлуки за одобрување на средства од Буџетот на Република Северна Македонија за општините Куманово, Центар, Чаир, Струмица и Свети Николе.Одлуката за одобрување средства на Општина Куманово се однесува на активностите кои ги преземаме за намалување на аерозагадувањето.Планираме да издвоиме 5,4 милиони денари за замена на постоечките загадувачки системи за греење во градинката „Пчелка“, во основното училиште „Браќа Миладиновци“ и во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ – информираше Заев.
Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) доставува информација за обезбедување на средства за финансирање на пристапен пат до претоварната станица во општина Ранковце. Тоа е патот кој треба да се изгради за успешно спроведување на проектот за воспоставување на самоодржлив систем за интегрирано управување со отпад во Источниот и Североисточниот регион.
– Вкупните трошоци за реализација на овој проект изнесуваат околу 40.000.000 евра. За реализација на овој целокупен проект, со кој трајно ќе се реши управувањето со отпадот за Северно-источниот и Источниот регион, неопходно е да се исполнат одредени обврски од страна на општините и Јавните комунални претпријатија од двата региона, и оваа седница е добра прилика да разговараме и за тие прашања – предложи премиерот Заев на седницата на која учествуваа и градоначалниците од Куманово, Крива Паланка, Кратово, Липково, Ранковце и Старо Нагоричане.
Градоначалниците од овие општини акривно се вклучија во работата на седницата со сугестии за подобра соработка со централната власт и со предлози за приоритетни проекти од интерес на граѓаните од целиот регион.