Околу 850 муслимански верници изминатите два дена тргнаа за светите места во Мека и Медина, каде што ќе треба да ја добијат титулата хаџи. Таму и ќе го прослават празникот Курбан-бајрам, кој годинава се обележува на 11 август.
Од Исламската верска заедница соопштуваат дека оваа година е зголемен бројот на пријавени аџии од земјава, за разлика од минатата, кога отишле 669 муслимани.
– Годинава превозот се одвива исклучиво по авионски пат, за разлика од минатото, кога половина од пријавените муслимани одеа со автобуски превоз. Причина за тоа се воените состојби што се случуваат во околните земји -посочуваат од ИВЗ.
Според теолошкото објаснување за аџилакот, секој возрасен муслиман што е во можност треба да го изврши петдневниот ритуал барем еднаш во текот на својот живот. Секој аџија треба седум пати во обратен правец од стрелките на часовникот да ја заобиколи Ќаба, зградата во облик на коцка, која е свето место за муслиманите, треба да го целива „црниот камен“ на аголот на Ќаба, седум пати да го помине патот помеѓу двете планини Аш Шафа и Ал Марвах, да се напие вода од изворот Замзам, да оди на рамнините на планината Арафат, да бдее стоејќи и да фрла камења во ритуалното каменување на ѓаволот. По завршувањето на овие ритуали, аџиите се бричат, изведуваат ритуал на животинска жртва и го слават четиридневниот фестивал на жртвата.
Инаку, изминатите години во јавноста се крена голема прашина за цената што ИВЗ ја наплаќа за аџилак. Сега цената што треба да ја плати секој од идните аџии за посетата на Мека и Медина изнесува 4.400 евра, во која се вклучени авионскиот превоз, визите, административните процедури за добивање излезни виза, вакцинирањето и здравствената заштита во текот на патувањето, повратните билети со авион, престојот во хотелите, престојот во шаторите во Арафат и Мина, храната во текот на престојот во хотелите, Ихрамот и Курбанот, како и сите такси предвидени за аџилакот.
И политичари во Мека и Медина
Годинава на аџилак ќе заминат и некои од политичарите од албанскиот политички блок. Според неофицијални информации, ќе имаат средба и со властите во Саудиска Арабија, каде што ќе бидат примени од тамошниот крал. Меѓу имињата што се споменуваат се Арбен Таравари, градоначалникот на Гостивар, Џеват Адеми и пратеникот Башким Амети, поранешниот министер за животна средина.