Бројот на македонски државјани од странство кои досега се попишале надминал 60 илјади. Околу 16 илјади од нив се од Швајцарија, а потоа следуваат Германија со 10 илјади и Италија со шест илјади попишани, додека послаби резултати има во Канада и во Австралија. Ова го истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешната прес-конференција, наведувајќи дека МНР презема дополнителни активности и повикува што поголем број на македонски државјани да се охрабрат и одвојат неколку минути за овој процес.
Попишувањето на македонските дипломати и членови на конзуларни претставништва денеска е успешно завршено, додека попишувањето на дијаспората ќе трае се до 22 април.
Османи нагласи и дека работната група на МНР е во постојано заседавање и ја следи работата на ДКП, како и оти телефонските линии се постојано отворени и се користат активно.
Министерот посочи дека утре заминува за Швајцарија, а потоа и во Мадрид, каде што ќе има средби и со дијаспората во рамки на неговите дипломатски активности.
Нема информација за потенцијален бојкот
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, вели дека нема информација за потенцијален бојкот на пописот од македонската дијаспора.
– Во оваа фаза е најважно сите да работиме, секој преку своето влијание да стигне информацијата до нашите граѓани – вели Османи.
Тој сепак не ја исклучува можноста за бојкот од некои иселеници.
„ Веројатно постојат повеќе причини за степенот на заинтересираност на нашата популација, не би оценил дали е тој слаб или голем – вели Османи.
Според податоците, засега Канада и Австралија имаат послаб одзив на попишување.
– Не можам да прејудицирам дали има некои други причини кои може да бидат основа за таквиот одзив – вели Османи.
Тој порачува дека сега целата енергија треба да биде во функција да стигне информацијата до граѓаните дека има попис.