Македонија и Преспанскиот договор биле една од темите на средбата на претседателот на Србија Александар Вучиќ и грчкиот премиер Алексис Ципрас, во рамките на Високиот совет за соработка меѓу Србија и Грција.
– Преспанскиот договор да се спроведе во дело и Северна Македонија да стане мост на соработка меѓу Србија и Грција. Сакаме да укажеме дека патот што го отвори Преспанскиот договор е пат што Србија го поздравува и поддржува – рече српскиот претседател на заедничката прес-конференција.
Тој нагласи дека еден од проблемите во поглед на инфраструктурното поврзување меѓу Србија и Грција е железничкиот сообраќај, односно брзите возови, за што е уверен дека заедно со Скопје и со Атина успешно ќе се реши.
– Доколку сѐ се заврши како што денеска договоривме и како што се очекува во врска со спроведувањето на Преспанскиот договор, во наредниот период би можеле да одржиме трилатерална средба меѓу Атина, Скопје и Белград, што ќе има големо значење за нашите земји – изјави Вучиќ.
Грчкиот премиер ги поддржа напорите на Србија за компромисно решение за Косово, оценувајќи дека Грција игра улога на стабилизатор во регионот, што е потврдено со Преспанскиот договор.
– Нема да претерам дека БЈРМ 30 години претставуваше сива зона меѓу Србија и Грција. По Преспанскиот договор таа повеќе нема да биде ѕид меѓу нас, туку мост за поврзување – изјави Ципрас.
Тој најави можност за нов договор меѓу Србија, Грција и Македонија, по ратификацијата на Преспанскиот договор.
– Првиот меѓународен договор што Грција ќе го склучи со Северна Македонија, ќе биде трилатерален договор меѓу Атина, Скопје и Белград, со кој забрзано би се изградил еден железнички коридор, за поврзување на Солун, Скопје и Белград со Будимпешта – истакна Ципрас оценувајќи дека ова ќе има позитивни влијанија врз развојот на туризмот, економијата, културата во регионот.