Нашата ситуација е уникатна во Европа

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ПЕНДАРОВСКИ ЗА „НОВА МАКЕДОНИЈА“

На прашањето на нашиот весник како неопаѓачкиот тренд на новозаразени (и починати) од коронавирусот ќе влијае на одзивот на изборите во услови на пандемија и можни ли се гаранции за максимална здравствена безбедност, претседателот на државата вели дека мора да се снаоѓаме, на моменти да импровизираме и да балансираме меѓу апсолутната потреба за заштита на здравјето на граѓаните и потребата од функционални институции.

– Комисијата за заразни болести ќе ѝ помогне на Државната изборна комисија да донесе такви протоколи со кои ќе биде максимално можно во дадениот контекст луѓето да гласаат безбедно. Мислам дека некои од поголемите партии имаат правено и симулации колку време би одзело гласањето, и показателите велат дека тоа е два-три пати повеќе од нормално потребното време за гласање. Тоа може да предизвика и проблеми во некои поголеми избирачки места, односно дали сите што сакаат да гласаат ќе можат да го остварат своето право во текот на 12-часовен изборен ден. Оттука произлегува предлогот за евентуално продолжување на изборниот ден за два-три часа.

Во однос на одзивот, во светот се одржаа неколку избори во време на коронава: од познатите избори во Јужна Кореја, и на самиот почеток на пандемијата – прв круг на локални избори во Франција. Во првиот круг на локални избори во Франција, одзивот беше за 25 отсто понизок од претходните локални избори во истата држава. Значи, не можеме да очекуваме во оваа ситуација да имаме одзив како во нормални времиња. Но рековме, еден од императивите во овој миг (освен здравјето, кое е најголем императив) е што поскоро да имаме институции што се функционални. Нашата ситуација е уникатна: во Европа не постои земја што нема парламент, која има техничка влада, а во ситуација на пандемија. Така што мора да се снаоѓаме, на моменти да импровизираме и да балансираме меѓу апсолутната потреба за здравјето на граѓаните и потребата за институции, кои веќе првиот ден по изборите ќе можат да ја сервисираат таа потреба за здравјето на граѓаните на најдобар можен начин – вели Пендаровски.