Теута Ѓуладин-Хелон, докторка на науки по јавно здравје во градот на „Битлси“
Денес, како што тоа е случај и во фудбалот, кошарката или во ракометот, сите се разбираме во исхраната. Медиумите се полни со совети, критики, препораки и видливи и невидливи реклами, поради што се загубивме во морето информации, а нашето незнаење и неинформираноста дополнително ја комплицираат работата. Ако на сето тоа се додадат и извесни „стручни“ изјави од луѓе што со сето ова се запознале преку неколку прочитани скрипти, тогаш хаосот станува покомплетен.
За среќа, има и такви што со цело свое битие се посветија на превенција на болести на исхраната и нивните коморбидитети. А, токму овие болести се трети по ред на листата на најсмртоносни, по кардиоваскуларните и канцерогените болести, кои повторно во голема мера се поврзани со животниот стил и начинот на исхрана.
Теута Ѓуладин-Хелон е докторка на науки по јавно здравје. Дипломира на Природноматематичкиот факултет во Скопје, тука и магистрира, а извесно време потоа докторира во Белград. Патот потоа ја води во Англија, во градот на реката Мерси, во Ливерпул, во градот на „Битлси“, во градот со четири универзитети, во градот прогласен за европска престолнина на културата, во седиштето на најстарата кинеска и црнечко-африканска заедница во Европа, онаму каде што е најголемата катедрала во Британија и петта по големина во светот и каде што има 2.500 градби заштитени со закон.
Таа се труди да ги промени лошите навики на исхрана на луѓето, но и да влијае врз глобалните и националните препораки и водичи за исхрана.
Нејзините истражувања се примарно фокусирани на начинот на исхрана како превентивна мерка кај луѓе со зголемен ризик или како дополнителна терапија на луѓе со дијабетес тип 2 и кардиоваскуларни заболувања, за да се подобри квалитетот на живот на овие групи и да се олесни финансискиот товар врз здравствениот, социјалниот и економскиот сектор.
Посветеноста и професионализмот во нејзината работа, како што вели Ѓуладин-Хелон, ѝ се најважни. Има високообразовни и наставно-образовни активности стекнати со работа во престижни високообразовни институции.
Имате богато резиме, во вашата комплетна наобразба се вкрстуваат повеќе школи, повеќе правци во науката. Како резултира сето тоа за да се најдете во Ливерпул?
Дипломирав на Природноматематички факултет на универзитетот „Свети Климент и Методиј“ во Скопје, насока биохемија. Тука и магистрирав на тема „Влијанието на високата надворешна температура и дијабетесот врз хормонскиот статус кај стаорец“. Докторирав во Белград, во Европскиот центар за мир и развој, основан од Универзитетот за мир на Обединетите нации.
Докторската дисертација на тема „Интерконекции помеѓу дијабетесот и глобалното затоплување. Некои индикатори за Република Македонија“ е интердисциплинарен проект, кој ги претставува дебелината и дијабетесот не само како проблем на јавното здравје туку ги вгнездува во една еколошка перспектива, предлагајќи модели на интеракции и меѓузависности, но и политики и мерки за еден заеднички пристап за решавање и превенирање на овие два глобални проблема.
Ваквиот заеднички пристап, во кој би биле вклучени експертски групи од различни домени (здравство, образование, земјоделство и урбано планирање), е од посебна важност за земјите во развој што имаат ограничени ресурси, материјални и човечки, како што е тоа Македонија. Подоцна, на Универзитетот во Ливерпул специјализирав во областа на нутриционизмот во јавното здравство. Нутриционистите во јавното здравство прават мониторинг на прехранбените навики на различните групи (страти) на популации, ја евалуираат ефикасноста на постојните интервенции и предлагаат нови стратегии и мерки за превенција на болестите што се поврзани со исхраната. Ваков мониторинг и евалуација во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска се вршат на секои две години.
Во моментов сум ангажирана на два универзитета во Англија и како визитинг-професорка на Универзитетот за применети науки во Васа, Финска.
На Медицинскиот факултет при Универзитетот на Централен Ланкашир, покрај наставните обврски, работам на проект финансиран од британската влада, а се однесува исклучиво на медицина базирана на докази. Тaа методологија (systematic review and meta-analysis) ги евалуира и статистички ги обработува апсолутно сите објавени рандомизирани контролни студии (кои ги сметаме за златен стандард во медицинските истражувања) на одредена проблематика во светот.
Членка сум на најголемата светска платформа за систематичен преглед на научна литература и метаанализи (метастатистики) „Кохран колаборејшн“ и вклучена во изведување работилници и обучување млади истражувачи од универзитетите на северозападниот регион на Англија.
За жал, оваа методологија моментно воопшто не е развиена во Македонија, а со оглед на тоа колку се ограничени средствата за примарни истражувања, би била од исклучителна важност за Министерството за здравство. Секако, овде би сакала да напоменам дека би ми било драго да помогнам и во тренирањето на заинтересираните од нашата држава. Претходно работев како клиничка биохемичарка 15 години, а по докторирањето, како доцентка на Факултетот за прехранбена технологија и нутриционизам при Универзитетот во Тетово и продеканка за наука.
Што работите во моментов, која е вашата основна преокупација на полето на науката?
На Факултетот за нутриционизам во јавното здравство при универзитетот „Џон Мур“ во Ливерпул работам како научна соработничка веќе две години и тука го подготвувам мојот втор докторат во областа на нутриционизмот во јавното здравство.
Бев единствена што доби стипендија од докторската академија на универзитетската алијанса на Обединетото Кралство и Европската Унија за проект што го подготвив, а се однесува на превенција од кардиометаболични заболувања кај возрасни со метаболички синдром и преддијабетес, тогаш кога овие промени сѐ уште се реверзибилни.
Фокусот, во случајот, е ставен на диети со многу ниска содржина јаглени хидрати, но со висока содржина масти (кетогена диета), како еден алтернативен пристап што им се спротивставува на официјалните препораки за исхрана кај оваа ризична популација. Нашите досегашни истражувања (последното објавено пред еден месец во „Журнал оф нутришн ривјус”Journal of Nutrition Reviews, Оксфорд јуниверзити прес, https://academic.oup.com/nutritionreviews/advancearticle/doi/10.1093/nutrit/nuy049/5241079) покажуваат дека рестрикцијата на јаглени хидрати е многу поефикасна во намалувањето на телесната тежина и кардиометаболичните ризик-фактори и дека ваквата исхрана треба да биде вклучена во националните препораки.
Делот, пак, од истражувањето што се однесува на метаболомиката, како биохемиска наука, има за цел да го проучи индивидуалниот одговор кон различните диети, односно зошто една диета е ефикасна за некого, а за некого не, приближувајќи се кон концептот што се нарекува персонализирана диета.
Трудовите од мојата научноистражувачка работа се објавувани во светски познати списанија и презентирани на научни конференции и секој текст ми е „проект“ и прираснат за срце.
Колку имате увид во состојбата во Македонија за занимавање со наука, дали научниот труд и научниците се доволно ценети?
Науката, каква што ја знаат мојата генерација и тие пред нас, по долга агонија, веќе изумира. Се работи без идеја и без цел да се реши некој вистински проблем. Знаете, науката е скапа, но мозокот е двигател на секое општество.
Биохемијата е меѓудисциплинарна гранка на биологијата и хемијата, чиј предмет на изучувањето се хемиските процеси што се случуваат во живите организми.
Тоа е наука за структурата и функцијата на клеточните компоненти. Откритијата на биохемијата се користат во многу области, од генетиката до молекуларната биологија и од земјоделството до медицината.
Како некој што со години се занимава со оваа проблематика, можам да заклучам дека Македонија воопшто и не вложува во превенција од болестите на исхраната и нивните коморбидитети. Според Светската здравствена организација, Меѓународната федерација за дијабетес и податоците што постојат за Македонија, превалентноста на дијабетесот тип 2 е трета во Европа и опфаќа над 11 проценти од целокупната адултна популација, додека повеќе од 75 проценти од популацијата имаат прекумерна телесна тежина. Сепак, во Македонија, стратегија за превенција на овие болести речиси не постои, а мониторинг на исхраната и обуки за здрава исхрана воопшто не се ни споменуваат како дел од програмите „Здравје за сите“ и програмата за Превенција на кардиоваскуларни болести во Република Македонија („Службен весник“, 26 јануари 2018, бр. 17 – стр. 25 и 29).
Галопирачкиот нагорен тренд на болестите поврзани со исхраната, како и проектираните демографски промени (зголемен животен век, стареење на популацијата, глобализацијата и миграцијата), кои претставуваат огромен товар за здравствените и социјалните сектори дури и за развиените земји, укажуваат на потребата од поинакви, пофокусирани и научно базирани превентивни мерки и водичи за исхрана на популацијата.