Соговорниците се едногласни во своите констатации дека по военото значење на НАТО, исклучително е важно и економското значење на сојузот, кој, според некои апроксимативни послободни процени, им носи милионски суми на поединечни компании во НАТО-земјите. Според статистичките информации, НАТО секоја година доставува 32 милиона различни производи. Тие производи Алијансата ги обезбедува од 16 милиони доставувачи, кои директно потекнуваат од држави-членки на НАТО. Интересен е и податокот дека токму тие доставувачи најчесто соработуваат и со фирми (подизведувачи) од држави надвор од Алијансата
Северноатлантската алијанса како една од најмоќните меѓународни организација не е препознатлива во светот само преку нејзиното воено дејствување, туку оваа интернационална структура со своето функционирање ништо помалку не е активна и во полето на економијата и стопанството, информатиката, дипломатијата… Од таа гледна точка, тоа значи дека земјава, доколку стане рамноправна членка на воениот сојуз, во иднина освен на воен и безбедносен план, ќе има шанса и можност да ги покаже своите потенцијали и во другите домени, активно вклучувајќи се во другите полиња на работа на Алијансата.
Домашните аналитичари, со кои се консултиравме, од перспектива на стопанските дејности, односно економијата, проценуваат дека по военото значење на НАТО, многу е важно и економското значење на сојузот, кој, според некои апроксимативни послободни процени, им носи милионски суми на компаниите во НАТО-земјите. Според статистичките информации, НАТО секоја година доставува 32 милиони различни производи. Тие производи Алијансата ги обезбедува од 16 милиони доставувачи, кои директно потекнуваат од држави-членки на НАТО. Интересен е и податокот дека токму тие доставувачи најчесто соработуваат и со фирми (подизведувачи) од држави надвор од Алијансата.
Аналитичарите велат дека токму на овој начин на домашните компании, со нашето членство, ќе им се отвори можноста за зголемено економско дејствување бидејќи ќе се врши пласман на македонските производи и услуги за потребите на сојузот, кој досега единствено можеше да се врши преку посредници.
Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски вели дека основата на економското дејствување на НАТО е запишана во членот 2 од Северноатлантскиот договор, каде што се вели дека „земјите-членки во своето дејствување ќе се трудат да ги елиминираат конфликтите во нивната меѓународна економска политика и ќе ја охрабруваат економската соработка со секоја од нив или меѓу сите нив“.
– Оттука многу логично е да се разбере зошто државите што безбедносно дејствуваат заедно, тие и економски тесно соработуваат и си ги користат заемно продуктите и услугите на нивните економии – објаснува аналитичарот.
Според него, македонските фирми досега можеа да настапат на НАТО-пазарот единствено кога беа во тесна врска, според договор и во соработка со претпријатијата на земјите-членки, со кој го делеа бизнисот. Со евентуалниот прием на државава, има можност ваквата бариера комплeтно да се елиминира со што, според аналитичарот Стефаноски, барем теоретски ќе се очекува зголемување на добивката за македонските компании.
Стефаноски е уверен дека со членството на земјата во НАТО, ќе се отворат нов пазар и можност за пласман на квалитетни македонските производи и услуги за потребите на сојузот.
Според аналитичарот, во ваквите стопански дејности на НАТО се прават навистина големи обрти на средства и бизниси што само по себе има и големи импликации на „зајакнување на безбедноста на државните членки на НАТО, токму преку економијата“.
Стефаноски објаснува дека Алијансата веќе со години практикува доктрина на дејствување позната како „ирегуларно војување“. Тоа значи дека планирањето на современите воени операции задолжително го вклучува т.н. комплетен ефект на моќта, кој подразбира економија, стопанство, трговија, информатика, дипломатија… А не само на воената моќ на НАТО.
– Практично, концепт на Алијансата го содржи терминот ДИВЕ (дипломатија, информации, војска, економија). Тоа е, меѓу другото, основа и на американскиот одбранбен концепт, кој се покажа за најефективен во светот. Тоа за Македонија ќе значи дека со членството не само што ќе бидеме вклучени во борбените активности на НАТО туку ќе бидеме активно вклучени во целиот систем, кој подразбира економија, дипломатија, воведување и практикување на напредни информатички технологии.
– Оние што раководат со државата треба да размислат и дадат конкретни предлози на кој начин Македонија најдобро ќе се вклопи во ова дејствување и како таа ќе ги интегрира другите цивилни компоненти во овие дејствувања – објаснува аналитичарот.
Тој исто така смета дека оваа врата отвора широки перспективи за дејствување на невладиниот сектор. На пример, НАТО може да му „продаде“ на НВО-секторот идеи што би се преточиле во проекти преку кои „ќе се изградат и системски прошират капацитетите за апсорпција на мултилатералните проекти “ од кои ќе имаат корист стопанските субјекти, граѓаните, локалната заедница, но и државата-домаќин во целост.
Маријан Ѓуровски, пак, од Факултетот за безбедност во свои две обемни стручни статии на оваа тема насловени „Економија и НАТО 1 и 2“ истакнува дека македонското членство во Алијансата би создало околности во кои домашната економија би имала повеќестрана корист од нашето членство.
Ѓуровски пишува дека на ова поле за поголема заработувачка на домашната економија важно е стратегиско поврзување на капацитетите од сите области и гранки на македонското стопанство со оние на државите од Алијансата, но и со побарувачката на НАТО од секаков вид.
Ѓуровски во своите статии заклучува дека постои широка палета од области во кои македонските фирми би можеле да се пронајдат во оваа економско дејствување на сојузот.
Тој меѓу поважните бизнис-можности ја набројува опцијата за македонско економско учество во извршување проекти од програмата за воена инфраструктура на НАТО.
Натаму, во долгата листа на бизнис-можности, Ѓуровски истакнува дека постои можност за економско дејствување во процесот на модернизација на вооружувањето и техниката, во одбранбените бизнис-организации, кои вршат „аутсорсинг (надворешно снабдување) на традиционалните дејности на војската“.
Професорот набројува дека македонските фирми може да се пронајдат и во понудата на потребните стоки и услуги за оперирање на бази на НАТО, во тендерите за истражувачка, развојна, образовна и тренинг-дејност во согласност со интересите на Алијансата, во изградбата на мешани претпријатија за заедничка дејност или целни конзорциуми, што работат за задоволување на потребите на Пактот како и во извршување на програмата за ликвидација на исфрленото од употреба вооружување и техника.
Професорот Ѓуровски набројувајќи ги речиси безбројните можности и комбинации на економска, односно стопанска соработка на земјите-членки со НАТО, а споменувајќи и низа досегашни примери каде што македонски фирми индиректно биле вклучени за потребите на НАТО, е оптимист дека со соодветни конкретни планови, предлози и предлог-проекти, нашата држава, стопанските субјекти, економскиот и невладиниот сектор и, се разбира, граѓаните, имаат пред себе голем предизвик и широко поле за активирање, работа и подигање на економско-социјалниот статус.
Позитивна практика на соработка на домашни компании со НАТО
Изминативе години во јавноста веќе беа регистрирани неколку примери во кои македонски фирми индиректно и директно заработуваа во нивната трговија со воената алијанса. Имено, во 2015 година медиумите информираа дека неколку македонски фирми почнале да ја снабдуваат американската армија во НАТО со свои производи.
Имено, Арбен Абдурахмани, сопственик на „Везе шари“, која произведува јајца, за медиумите изјави дека благодарение на компанијата „Еколог“, која е присутна во целиот свет и во Македонија и која е една од компаниите снабдувачи на НАТО и на ОН, неговата тетовска фирма веќе почнала да ја снабдува американската војска во НАТО со наши производи насекаде во светот. Во тогашната изјава на Абдурахмани се наведува дека, освен со јајца, НАТО ќе се снабдува и со сувомесни производи од домашната компанија „Лекер“ што, секако, ќе зависи од потребата на „Еколог“, која е каналот за оваа бизнис-зделка.
Директорката на „Еколог“, Клаудија Семилер, оваа соработка со македонските фирми ја оцени како плод на макотрпната работа досега.
– Оваа соработка, пред сѐ, е плод на нашата досегашна макотрпна работа и заложби. Она што ни значи е дека сѐ повеќе земји низ светот го препознаваат нашиот квалитет, во конкретниов случај станува збор за соработка со базата на НАТО во Авганистан. Соработката, наедно, е и дел од мисијата на компанијата за продуктно ширење во нови географски реони каде што постои ваков потенцијал. Оваа година поставивме високи цели, во согласност со нашата бизнис-стратегија за пораст и развој. Во план се нови инвестиции – изјави тогаш Семилер.
Од друга страна, за забележување е фактот дека домашните компании редовно учествуваат на НАТО-базарите и саемите. На еден ваков саем одржан во 2014 година, медиумите оценија дека македонскиот ајвар и вино биле едни од главните атракции на тогашниот НАТО-базар одржан во Брисел.
Во тој контекст, на темава деновиве се огласи и државниот врв. Министерот за финансии Драган Тевдовски, на отворањето на форумот на Централна и Југоисточна Европа „Еуромани“ што се одржува во Виена, изјави дека членството во НАТО имаше огромно влијание врз економскиот развој на другите земји во регионот и не постои причина зошто тоа не би било случај и со Македонија.
Тевдовски, како што соопшти Министерството за финансии, посочил дека странските директни инвестиции во земјите што станале членки на НАТО се зголемиле најмалку двојно како процент од БДП, а кај некои држави, како на пример Бугарија, се зголемиле трипати.
За Македонија, Тевдовски нагласил дека инвеститорите, покрај за економските показатели, се многу заинтересирани и за напредокот во евроатлантските интеграции.
– Економските влијанија од овој напредок се огромни. Во историски нестабилен регион и имајќи ги предвид случувањата изминатите неколку години, членството во НАТО претставува потврда за долгорочна стабилност и одржливост. Ова ќе придонесе за едноставно и брзо отстранување на сомнежите и стравот кај инвеститорите во минатото. Економските придобивки ќе бидат значителни и брзи, што значи поголеми странски, како и домашни инвестиции во нашата земја што, пак, несомнено ќе резултира со повисок извоз, поголема вработеност и повисоки плати, како и подобрен животен стандард за нашите граѓани – подвлекол Тевдовски.