Премиерот Зоран Заев заедно со министерката за образование и наука, Мила Царовска, со претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ди Џовани и со наставничката Александра Блажевска од ОУ „Јан Амос Коменски“, како претставничка на наставниците, учествуваа на промотивниот настан на кампањата „Наставниците се важни – Учиме од вас. Ви благодариме!“, по повод Светскиот ден на наставникот кој се одбележува денеска.
Настанот беше отворен со инсталација со „училишни ранци“ за да им оддадат признание и да им покажат благодарност на наставниците за клучната улога што ја имаат во обезбедување квалитетно образование и поддршка на децата при исполнување на нивниот потенцијал.
Инсталацијата е поставена неколку дена по почетокот на учебната 2020/2021 година. Преку неа се оддава признание за придонесот што наставниците го даваат за учењето од далечина и за повторното отворање на училиштата, но нејзината главна цел е и да се уважи пресудната улога на наставниците во општеството.
– Најискрено и од сѐ срце им се придружувам на пораките што учениците од нашата земја ги креираа и ги испраќаат до нивните наставници преку инсталацијата од училишни ранци, во форма на срце. Се придружувам на пораките на благодарност на учениците до наставниците за нивната искрена и топла посветеност, за нивната страст и креативност да им ги пренесат на учениците знаењата и вештините, и за нивните совети и примери во изградбата на генерации и генерации ученици кои стануваат важни учесници во процесите за создавање на подобро општество за сите нас. Оваа школска година е различна од сите претходн – рече премиерот Заев и додаде дека заради пандемијата од ковид-19 оваа година образовниот процес во училиштата ќе се спроведува заедно со мерките за заштита на здравјето на децата и на наставниците.
Поголем дел од наставните програми за повеќе генерации ќе се организираат онлајн.
– Министерството за образование и наука, и сите одговорни во Владата, се во секојдневен контакт со наставници, директори, ученици, родители, со цел, заедно да ја направиме новата образовна интернет платформа попријателска. Да ги вклучи сите деца со еднаков пристап. Она што ни дава надеж е неверојатната посветеност на наставниците, нивните заложби, ентузијазам, чувство на општествена одговорност и покажаниот интерес за учество обуките, со желба да им обезбедат на своите ученици образование какво што заслужуваат. Да направат сѐ што треба за да им го надоместат на учениците присуството и дружбата во училниците. За таа своја посветеност, тие навистина ја заслужуваат нашата целосна почит – рече Заев.
Министерката за образование и наука Мила Царовска истакна дека секој од нас има наставник или наставничка коишто биле инспирација и мотивација да го научиме невозможното. Затоа им оддадеме признание и почит со огромна благодарност.
– Како Влада имаме обврска и долг да создаваме услови за подобро образование. Но, само со вас и вашата грижа за децата ние ќе бидеме чекор поблиску до остварување на оваа цел. Вие, деновиве потврдивте дека сме на тој пат. Светот денес го одбележува 5 Октомври под едно мото: Наставници – водачи во кризата и ресоздавачи на иднината. Јас навистина верувам во вашата моќ и сигурна сум дека тоа ќе биде нашата стварност. Вие сте наша национална сила и гордост – рече Царовска.
Инсталацијата „училишен ранец“ ќе биде поставена на градскиот плоштад во Скопје три дена, овозможувајќи им на посетителите да се вклучат со свои пораки за наставниците. Иницијативата е дел од кампањата „Учиме од вас. Ви благодариме!“ којашто Министерството за образование и наука и УНИЦЕФ ќе ја спроведуваат во текот на учебната 2020/2021 година.