Отворањето заеднички граничен премин меѓу Македонија и Бугарија може да се случи за неколку месеци, порача бугарскиот вицепремиер Томислав Дончев.
-За отворање заеднички граничен премин неопходно е да одлучиме на чија територија ќе биде сместена екипата за влегување и за излегување и треба организациски да се подготвиме. Станува збор за неколку месеци, рече Дончев во одговор на новинарско прашање на денешниот бизнис форум „МК-БГ 2019“ во Скопје.
Прашан до каде е ветувањето за поевтин роаминг за македонските граѓани со Бугарија, Дончев рече дека за тоа може единствено да се договорат операторите.
-Ние немаме можност како да ги натераме операторите да го намалат роамингот. Во Бугарија немаме државен оператор и не можеме да им кажеме на приватните оператори по која цена да работат. И двете држави ќе направат се што можат во рамките на законот, но останува на добрата волја на операторите да се договорат, потенцира Дончев и додаде дека проблемот не може да го реши ниту една од двете влади.
За бугарскиот дел од железницата кон Македонија посочи дека во моментов се проектира трасата од бугарска страна и се изготвува детален технички проект.
-Предвидено е финасирањето да се реши во следниот плански временски период на европското финасирање од 2021 до 2027 година. Се надевам дека технички пругата ќе биде завршена пред 2027 година, но не можам да прецизирам точно кога. Ќе направиме се заедно со македонската страна пругата што побрзо да биде реализирана, бидејќи и за нас е еден од приоритетите, рече Дончев.