Осигурителната компанија „Еуросиг“ ќе треба да исплати отштета од над 800 илјади евра за сообраќајката кај Ласкарци.
Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија за осигурувањето Климе Попоски денеска на прес-конференција рече дека во овој случај најверојатно ќе биде исплатена максималната законски предвидената сума.
– Во Законот за здолжително осигурување има пропишано максимален износ на штета предизвикана од автобус. Максималниот износ по еден осигурителен случај може да изнесува 675 илјади евра- рече Попоски, појаснувајќи дека ова е по основ на полисата за автоодговорност и дека таа сума ја делат сите во сообраќајката.
Тој додаде дека дополнително по основ на полиса за патници во јавен превоз може да бидат исплатени 200 илјади евра, така што е предвидено 4.500 евра по смртен случај, 9.000 евра за траен инвалидитет и 2.000 евра за повреди и лекување.
– Дополнително доколку оштетените имаат основ и побаруваат повеќе од овој максимален износ на штета тогаш тие директно можат таа штета да ја побаруваат од причинителот на штетата- појасни Попоски.
Ова, како што соопшти, ќе биде една од поголемите исплатени штети во последните години, покрај онаа за хеликоптерската несреќа, а минатата година највисоката штета е исплатена во износ од 35,196 милиони денари на правно лице од страна на компанијата Осигурување Македонија.
Минатата година како што посочи Попоски исплатени се бруто штети во износ од 3,92 милијарда денари и во однос на 2017 година бележат раст од 9,53 отсто.
Осигурителниот пазар минатата година, како што посочија Попоски и претседателот на Здружението за осигурување при Стопанската комора на Република Македонија Ѓорѓе Војновиќ има раст на приходите од 10,4 отсто.
Минатата година има раст во сите класи осигурување, а како што беше истакнато има се уште потенцијал за раст на пазарот.
Забележителен раст има кај бруто полисираната премија кај земјоделското осигурување од 65,98 проценти и изнесува 261,02 милиони денари. Растот кај осигурувањето на посевите и плодовите кај индивидуалните земјоделци е 59,05 проценти, додека кај правните земјоделски стопанства 46,30 отсто. Најголем раст, како што рече Попоски, е забележан кај осигурувањето на добитокот и тоа кај индивидуалните земјоделци од 206 отсто, додека кај правните лица од 33 отсто.
На земјоделците им порача дека може да се дојде до намалување на цената на осигурувањето доколку тие преземат превентивни мерки и притоа ги намалат ризиците.
Раст имаме и кај осигурувањето живот од 29,57 отсто, со склучени 22.264 договори.
Она што очекуваат во 2019 година е нов закон за осигурување што е усогласување со ЕУ и воведување повисоки стандарди, како и окрупнување, што веќе се случува.
-Едно преземање има на осигурителна компанија од страна на Халк банка. Во тек се разговори за преземање на уште една осигурителна компанија, а има интерес и од странски инвеститор- рече Попоски.