Блокадата на Законот за лични карти остави 40.000 граѓани без документ за идентификација. Првата можност за одблокирање е први септември, кога пратениците се враќаат на работа во Собранието. Засега, нема друг начин како да се издадат овие лични карти, иако Владата бара решение.
Премиерот Зоран Заев посочи дека има опција како да се гласа за изборите, но се бара начин за граѓаните да можат со истечен личен документ да ги завршуваат и останатите потреби, како што се преземањето на пензиите од банките.
– За жал, Законот за лични карти е блокиран од Левица со амандмани, иако Беса беше флексибилна да го поднесе амандманот со одложено дејство од 2023 година. Но, Левица заклучи да го блокира и со таа блокада, патат, плачат и трпат граѓаните. Преку 40.000 лични карти не се издадени, а се поднесени барања од граѓаните. Некои од нив се првпат. Еден дел се истечени. Првата можност е со работа на Собранието на 1 септември да се изгласа и да се издадат тие лични карти. Втората работа е министерот за правда со сите други ресори да работат како да изнајдат начин, со одлуки, измени, правилници, критериуми да имаат можност и со истечена карта да се гласа. Граѓаните можат да гласаат покрај со лична карта и со пасош, ама сите немаат пасош. За да се заокружи тоа право, верувам дека ќе се изнајде решение. Сме имале пракса и во минатото поради истечена лична карта да не може да се издаде лична карта или од распишување на изборите кога истекле личните карти, се даваше можност и со истечен рок на важење на вакви документи да се гласа – посочи Заев.
За него, проблемот е посуштествен од само гласањето на изборите.
– Проблемот не е само во изборите. Голем дел од банките не ги ставаат во функција трансакциските сметки на граѓаните со истечени лични карти, па граѓаните немаат пензија, не можат да земат социјална помош, имаат здравствени потреби врзани со трансакциската сметка и личната карта и милион други потреби. Тука се бараат решенија, верувам ќе изнајдат – додаде Заев.