Дозвола за одржување на физичка настава од 1 октомври, кога е закажан почетокот на учебната година, од Комисијата за заразни болести побарале 113 од вкупно 494 основни и средни училишта во Македонија, пренесува „Дојче веле“. Од пријавените училишта 79 се основни, а 34 се средни.
Процената на условите во училиштата е во тек, а се очекува владата да донесе одлука на седница в четврток.
Секое училиште се оценува според три фактори во согласност со утврдените протоколи – вкупниот број на ученици, просторниот капацитет и епидемиолошката состојба на општината во која се наоѓа училиштето. За Комисијата да даде позитивно мислење, сите критериуми мора да бидат задоволени.
Министерството за образование претходно соопшти дека само учениците од прво до третто одделение ќе почнат со настава, а останатите ќе имаат настава од дистанца.
До крајот на неделава треба да биде промовирана и платформата за онлајн настава.