ПО ОБЕЛОДЕНУВАЊЕТО НА СЛУЧАЈОТ СО ИСЧЕЗНАТИТЕ ЗАШТЕДИ НА ЗЛЕТОВСКИТЕ ПЕНЗИОНЕРИ
Два дена по обелоденувањето на информациите за постоење индиции за злоупотребите со штедните влогови на повеќемина лица што имаат отворено денарски штедни книшки во поштата во Злетово, сѐ уште нема конкретен одговор за бројот на лицата и висината на штетата што е направена со несовесното работење на поштенскиот службеник во локалната пошта. „Нова Македонија“ во претходните текстови информира подетално за начинот на кој се одвивала оваа финансиска афера и за тоа дека многумина оштетени штедачи, од кои најголемиот дел се пензионери во Злетово, веќе поднеле пријави во поштите во Пробиштип и во Штип, во кои се бара нивно обесштетување поради злоупотребите во поштата во Злетово. Меѓу оштетените е и еден осумдесетогодишник, кој во понеделникот поднесе пријава до поштата во Штип, со која се бара исплата на сите средства, односно заштеди, што неовластено биле симнати од неговата денарска штедна книшка, во износ од над двесте илјади денари. За оваа финансиска малверзација во полицијата во Пробиштип е поднесена и пријава, која, како што ни беше соопштено, ќе биде доставена и до надлежното јавно обвинителство.
Заради поцелосно информирање во врска со овој случај, нашиот весник достави повеќе прашања до неколку надлежни институции, како „Македонска пошта“, Еуростандард банка, МВР и Народна банка на Македонија, а нивните одговори ви ги пренесуваме во целост.
Претставниците на Еуростандард банка посочуваат дека до нив сѐ уште не се стигнати поплаки од граѓани, но дека по написите во нашиот весник веднаш почнале со истражување на случајот.
– До банката до овој момент сѐ уште нема стигнато ниту една поплака од клиенти од наведениот регион во врска со недостиг од средства од штедни влогови. Во секој случај, Еуростандард банка веќе детално работи на испитување на овој случај и, по собирање на сите потребни информации, ќе го соопштиме нашиот официјален став – посочија од банката.
Како што објаснуваат оттаму, Еуростандард банка-Скопје и „Македонска пошта“ имаат договор за меѓусебна соработка, во кој е вклучено и собирање и исплата на орочени депозити на физички лица. Тоа значи дека „Македонска пошта“ во име и за сметка на Еуростандард банка-Скопје, преку својата деловна мрежа може да врши повеќе банкарски услуги, меѓу кои и собирање орочени депозити.
На нашето прашање како ќе постапи Еуростандард банка доколку на штедачите навистина им недостигаат средства од сметките, од компанијата ни одговорија дека ќе се постапува по секоја претставка поединечно.
– Банката поединечно постапува по секоја претставка од клиентите. Со оглед на тоа што, како што напоменавме, сѐ уште немаме добиено претставка за недостиг од штедни влогови од наведениот регион, не можеме да се изјасниме за понатамошни активности. Во секој случај, секој што има валидна документација за орочување на своите средства ќе биде обесштетен. Во моментов работиме на детално испитување на случајот, меѓутоа доколку тврдењата во написот се покажат како точни, ќе биде спроведена соодветна истрага за настанот и врз основа на исходот од истрагата, банката и „Македонска пошта“ ќе спроведат понатамошни чекори, кои секако ќе бидат во насока на наоѓање решение во интерес на нашите клиенти – појаснуваат од Еуростандард банка.
Оттаму додаваат дека „и банката и ’Македонска пошта’ постапуваат по секоја претставка и ги преземаат сите активности во согласност со законските прописи, а со цел заштита на правата на клиентите“.
Претставниците на „Македонска пошта“ исто така ветија дека ќе излезат со став околу нашите написи и одговори на прашањата што се случува со штедните влогови на жителите на Злетово, но до затворањето на ова издание на весникот не ги добивме нивните одговори.
Претставниците на Народна банка на Република Македонија појаснуваат дека во согласност со законската регулатива во земјава право да собираат штедни влогови од граѓаните во земјава имаат само банките.
– Во согласност со Законот за банките, банкарски активности, односно собирање депозити може да врши единствено банка што од гувернерот добила дозвола за основање и работење. Еуростандард банка-Скопје е банка лиценцирана од страна на гувернерот на Народната банка на Република Македонија и има дозвола за собирање депозити – велат од НБРМ.
Надлежните појаснуваат дека штедните влогови вработените на „Македонска пошта“ ги собираат во име на Еуростандард банка.
– Отворањето штедни книшки, односно собирањето штедни влогови, „Македонска пошта“ го врши не во свое туку во име и за сметка на Еуростандард банка-Скопје. Се работи за услуги што „Македонска пошта“ ги врши за потребите на Еуростандард банка-Скопје, а со цел искористување на мрежата на шалтери на „Македонска пошта“ и приближување на производите на банката до пошироката јавност низ целата земја. Давањето на овие услуги е регулирано со посебен договор склучен помеѓу Еуростандард банка-Скопје и „Македонска пошта“ – појаснуваат од Народна банка.
Оттаму додаваат дека до нив сѐ уште не била пристигната поплака од ниту еден граѓанин што е поврзана со написите во „Нова Македонија“ за измамени штедачи од Злетово.
– Би сакале да ве информираме дека во НБРМ нема пристигнато поплака во врска со написот во вашиот весник од ниту еден граѓанин. Сепак, НБРМ е во комуникација со Еуростандард банка-Скопје во врска со информациите изнесени во јавноста, имајќи предвид дека НБРМ, покрај другото, во рамките на своите надлежности врши супервизија на работењето на банките, oценуваjќи ги сигурноста, стабилноста, ризичноста и усогласеноста на работењето со прописите. Доколку се констатира постапување спротивно на прописите, вклучувајќи и во однос на штедните влогови на граѓаните, НБРМ презема соодветни мерки – истакнуваат надлежните.
За проневерата на заштедите на злетовските рудари се обративме и до Министерството за внатрешни работи, за да дознаеме дали веќе се постапува по случајот и кон кого се упатени истрагите. Најпрво завчера ги прашавме дали се запознаени со случајот за оштетените граѓани и побаравме мислење од надлежните за случајот. До вчерашниот ден не добивме одговор ниту на прашањето кој треба да поведе постапка за незаконско работење доколку се утврди такво нешто.
„Нова Македонија“ побара одговор и каде е насочена истрагата, кон поштите, банките, кон друг. Ниту на ова прашање немавме одговор во текот на вчерашниот ден.
Екипа на „Нова Македонија“