При температурна разлика, од врело на ладно, механички се собираат крвните садови и организмот доживува скок на крвниот притисок и обратно. Кај младите толеранцијата е поголема, меѓутоа кај повозрасните, хронично болните, срцево болните и кај постарите, толеранцијата не е толку голема, вели доктор Томе Георгиев, доктор во „Прима мед“
Високите температури ги принудија граѓаните да ги активираат клима-уредите. Речиси и да нема дом, институција, болница, продавница што не се климатизирани. Такси-компаниите за да им понудат на граѓаните пријатно возење до саканата дестинација, исто така се климатизирани, голем дел од автобусите исто така. Меѓутоа, драстичната разлика во температурите на организмот му прави температурен шок.
Разладувањето убаво доаѓа во првиот момент, меѓутоа штетата што му се нанесува на организмот може да биде непоправлива.
Некои од граѓаните велат дека се плашат за своето и за здравјето на своите деца, затоа што разликата во температурите е огромна.
– Со мојот десетмесечен син сакав да влезам во продавница за детска опрема. Во возилото немам клима-уред, а времето беше навистина жешко. Само што ја отворив вратата, буквално се пресеков од ладниот воздух. Не ни влегов во продавницата. Заминав дома, затоа што ми беше навистина страв од тоа како таа разлика ќе ја доживее син ми – вели Благица К.
Таа вели дека се претерува со разладувањето на просториите.
– На сите ни е жешко и разбирливо е дека сите сакаме да се разладиме, да ги избегнеме потењето и нервозата од топлото. Но мора да се внимава. На вработените внатре им е убаво затоа што целото работно време, односно подолг временски период, се изложени на таа константна температура. Меѓутоа ние што влегуваме од надвор доживуваме шок – вели таа.
Ваква состојба има насекаде, па дури и во такси-возилата.
– Бремена сум и бидејќи сум во поодмината бременост, за да одам на преглед користам такси-превоз. Пред да влезам во возилото го замолувам возачот да го исклучи клима-уредот и да ја отвори вратата за да се нормализира температурата. Навистина е жешко, но разликата во температурата може да ми направи поголема штета од корист. Среќа што досега сите возачи ми излегле во пресрет и го исклучувале клима-уредот – вели Марија Д., која редовно користи такси-превоз.
Луѓето што работат со клима-уреди велат дека секоја температурна разлика поголема од десет степени, предизвикува шок за организмот, а најмногу за крвните садови. Велат дека граѓаните мора да научат како да ги користат клима-уредите, бидејќи воопшто не треба да се потцени нивната употреба.
– Разликата во температурата никако не смее да надминува десет степени. Ако е надвор 40 степени, внатре не смее да е под 30 степени. Граѓаните, особено оние што се со хронични болести, со мали деца, треба да знаат како да го наместат клима-уредот. Бидејќи клима-уредите работат на посебни сензори и не секогаш кога ќе ги наместиме на одредена температура ја даваат таа температура, најдобро е на пример да се намести на 25 степени, со помалку вентилација, свртена нагоре или во ѕид, за да нема директно дување на ладниот воздух. На тој начин и помалку ќе троши, нема да дува постојано ладно, а сепак просторијата ќе е посвежа – вели Тоше И., кој со години сервисира и монтира клима-уреди.
Докторите велат дека разликата во температурите секогаш прави проблеми во човековиот организам.
– При температурна разлика, од врело на ладно, механички се собираат крвните садови и организмот доживува скок на крвниот притисок и обратно. Кај младите толеранцијата е поголема, меѓутоа кај повозрасните, хронично болните, срцево болните и кај постарите, толеранцијата не е толку голема – вели доктор Томе Георгиев, доктор по општа медицина во „Прима мед“.
Според него, колку разликата е помала, толку подобро.
– Еве најпрост пример. Земете стаклен сад од фрижидер и ставете го на жешка рингла, тој ќе пукне. Слично нешто се случува и со крвните садови. Луѓето, пак, што доживеале инфаркти или мозочни удари, дополнително имаат проблем со варијациите во температурата – вели тој.