„Нова Македонија“ во посета на Горно Врановци
„Нова Македонија“ е нуклеус на македонското новинарство. Од „Нова Македонија“ почнало сè, почнало македонското новинарство, почнало МАНУ. Од тоа искрење,
се родило македонското новинарство, беше пораката по историскиот час и меѓусебно дружење во Горно Врановци
Првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“ денеска одбележува 75 години постоење, а по тој повод изминатиот викенд вработените во весникот, поранешни новинари, пријатели, соработници, читатели и други личности поврзани со весникот го посетија Горно Врановци, каде што на 29 октомври 1944 година излезе првиот број. Убавото време и прекрасната атмосфера се дополнуваа со природната убавина на ова планинско село, во кое е испишана историјата на македонското новинарство.
Првото издание на весникот имало осум страници и било дистрибуирано до партизанските бригади и штабови, но уште поважно е што тоа претставувало прв официјален документ испечатен на кодифициран македонски јазик.
Екипата на „Нова Македонија“ во саботата наутро се упати кон Горно Врановци, уште еднаш да се наврати на својот извор, изворот од кој потекна новинарството и, на некој начин, државноста на Македонија.
Тесниот и на места нерамен пат, од Велес преку Чашка, водеше право во пазувите на прекрасната планинска убавица Јакупица. Таму, меѓу карпестите ридови, е сместено живописното село Горно Врановци, село од кое првпат протече печатениот македонски збор, од каде се изроди првиот македонски медиум.
Уште на влезот на селото многубројната екипа беше пречекана од љубопитните детски главчиња, кои излегоа да видат кои патници намерници дошле да го посетат нивниот роден крај.
Повозрасните од локалното население веќе знаат дека секој октомври тука куќата-музеј на влезот на селото, каде што е сместена и првата печатница, затскриена во дрвјата крај Тополка, е посетена од луѓето што никогаш не забораваат на својот прапочеток, од луѓето од весникот „Нова Македонија“.
Таму, по краткиот историски час и запознавањето на младите генерации со корените на новинарството во Македонија, потоа одекна и македонска песна, одраз на историското битисување на ова парче земја, од чиј мозаик можеби едно од најважните камчиња е токму и „Нова Македонија“.
Одлуката за печатење прв дневен весник беше донесена во манастирот „Прохор Пчињски“, за време на Второто заседание на АСНОМ и Третото заседание на Президиумот на АСНОМ. Тогаш беше донесена одлука да не се изработува пропаганден лист, туку да се испечати вистински дневен весник, кој покрај политичката улога ќе има и задача да го информира населението. Одлуката била донесена уште во август, но постоеле големи инфраструктурни пречки за да се испечати весникот. Кога се собрало целото раководство во Горно Врановци, била донесена одлука за набавка на печатарски машини. Партизаните поседувале само една печатарска машина, која не била доволна за првиот тираж, и таа била донесена преку слободната територија од Дебарца. Втората печатарска машина се наоѓала во центарот на Скопје, во подрумот на тогашната библиотека, која служела и како печатница, но многу било тешко да се изнесе, бидејќи Германците ја сметале таа зграда како инфраструктурно важна и ја обезбедувале. Една мала група успеала да направи диверзантска акција, демонтирајќи ја машината и три дена патувајќи преку Китка, Караџица и Јакупица, успеала да ги однесе деловите на слободната територија во Горно Врановци.
Кога веќе биле пристигнати машините, се јавил недостиг од хартија, печатарски букви, како и од квалификуван кадар.
Според новинарот и историчар Дејан Азески, кој говореше за историските случувања во периодот кога се појавил весникот, Васил Ивановски се наведува како првиот главен уредник на „Нова Македонија“, но неговите истражувања покажале дека оваа улога ја играла и Веселинка Малинска, како главна на тогашното агитационо-пропагандно одделение при Главниот штаб.
– Имало неколку предлози за името на весникот, од „Независна Македонија“, „Слободна Македонија“ и „Нова Македонија“. Името „Нова Македонија“ било избрано како еден вид супститут на весникот „Стара Србија“, кој пред Втората светска војна излегувал на овие простори. Имало и весник што се викал „Обединета Блгарија“, така што „Нова Македонија“ требало да биде замена за тоа и затоа било одбрано ова име – појасни пред присутните Азески.
Тој уште додаде дека „Нова Македонија“ не само што е првиот македонски дневен весник во кој била објавена и првата азбука туку тој во Македонија служел како учебник во војната и во првите денови по војната.
Со емотивен говор пред присутните се обрати и поранешниот новинар и уредник во весникот Милан Банов, кој истакна дека ниту еден весник не е поврзан со историјата на еден народ како што е тоа „Нова Македонија“.
– „Нова Македонија“ и до ден-денес не го изгубила своето влијание. Сè што е напишано во весникот е во архивите на библиотеките. Ниту еден весник не е поврзан со историјата на еден народ како што е тоа „Нова Македонија“ – рече Банов.
Тој, потсетувајќи се на своите 25 години во весникот, нагласи дека 75-те години на весникот се вечност во однос на македонската историја и на македонскиот идентитет.
– Блискаат првите страници и Гутенберг повикува на жур, журот е „Нова Македонија“.
„Нова Македонија“ е нуклеус на македонското новинарство. Од „Нова Македонија“ почнало сè, почнало македонското новинарство, почнало МАНУ. Од тоа искрење, се родило македонското новинарство – раскажа со растреперен глас Банов.
Пред присутните се обрати главниот и одговорен уредник на весникот Александар Димковски, кој првично на гостите им изрази благодарност за посетата и укажаната чест на весникот.
– Нашата традиција продолжува и навраќањето во Горно Врановци, како што ние новинарите обично велиме, за да се напиеме вода од изворот, да се потсетиме на славното минато и почетоците и да се наполниме со нова енергија, што е повеќе од потребно, особено во овие тешки и неизвесни времиња. Богатото историско минато и традиција на весникот за нас претставуваат и голема обврска и одговорност. Во таа насока, весникот ќе продолжи и понатаму да ги негува асномските принципи на вистински народен лист, секогаш ставајќи се себеси во служба на граѓаните и јавниот интерес – истакна Димковски.
Сонцето полека се стркала зад гребенот на Јакупица, а меѓу ридиштата останаа да жуборат само пенливите води на Тополка. Традиционалната посета заврши, но остана мислата дека со секое ново навраќање, тука, во Горно Врановци, повторно ќе се враќа сеќавањето на прапочетокот на македонското новинарство и на државата каква што ја знаеме денес. Токму и аманетот што го оставиле оние што на плеќи преку планини ги носеле печатарските машини и на оние што работеле во малото куќаре покрај Тополка обврзува – никогаш да не се заборави.