Верниците од исламска вероисповед денеска го слават празникот Курбан-бајрам.

На првиот ден од празникот се изведува молитвата за Бајрам – Бајрам намаз, со која верниците бараат милост од Алах. Карактеристично за овој празник е принесувањето жртва – курбан која има симболика на приближување кон Бога. Како курбан најчесто се принесуваат овни или телиња.

Обичајот го изведуваат сите кои имаат можност за тоа. Оние кои принеле жртва, потоа раздаваат од месото на сиромашните, соседите и роднините.

Курбан-бајрам трае седум дена, а прославата започнува 70 дена по првиот Бајрам во годината, Фитр-бајрам и го обележува денот кога е комплетиран светиот Куран.

Со овој празник се крунисува аџилакот, кој важи за петти темел на исламот, кој е доказ за солидарност и благосостојба.


Премиерот Заев со честитка до верниците

Премиерот, Зоран Заев, до сите граѓани од исламска вероисповед упати честитка по повод големиот муслимански празник Курбан-бајрам.

– На сите припадници на исламската верска заедница им го честитам празникот Курбан-бајрам, им посакувам среќни и спокојни празнични денови, со срдечни желби празникот да го прослават во добро расположение и добро здравје – се наведува во честитката на премиерот.

Заев истакнува дека Курбан-бајрам е празник на солидарноста, хуманоста, грижата кон другите, единството и еднаквоста.

– Ова се вредностите кои треба да бидат наша заедничка водилка во градењето едно општество за сите. Да ги негуваме овие вредности како наш заеднички влог во просперитетна иднина. Возвишениот, благороден сјај на овој празник нека зрачи во домовите на сите верници – истакнува во честитката премиерот Заев и во неа посакува многу радост, духовен мир и топлина во домовите на сите припадници од исламска вероисповед.