Сѐ уште важи мерката на Владата за ослободување од работа на еден родител на дете кое оди во градинка, појасни Министерството за труд и социјална работа. Оттаму велат дека мерката за ослободување од работа на родител на дете до 10 години ќе важи се до донесување на следната владина одлука по препорака на Комисијата за заразни болести.
– На почеток на корона кризата, или поточно 10 март, Владата на предлог на Комисијата за заразни болести при МЗ донесе заклучок со кој, вработените лица кои имаат малолетно дете со навршена возраст до 10 години или активно четврто одделение, за кого е неопходна домашна грижа, еден родител да биде ослободен од работа и работни активности и неговото отсуство за време на овој период да биде евидентирано од страна на работодавачот како оправдано отсуство. На 8.7.2020 на 74 седница Владата донесе одлука за изменување и дополнување на одлуката за мерките за спречување на ширење на ковид-19, односно родителите на деца до 10 години возраст, вклучени во воспитнообразовниот процес, кои беа ослободени од работа, да се вратат на работните места со оглед дека учебната година е веќе завршена. Што значи дека мерката за ослободување на родители од работа се уште важи за еден од родителите на деца кои биле згрижени во градинка – велат од МТСП.