Измените на Законот за работните односи, кој беше усвоен на вчерашната владина седница, прецизно утврдува дека недела е ден на неделен одмор и гарантира дека за над 92 проценти од работниците недела ќе биде неработен ден, соопшти Министерството за труд и социјална работа.
Оттаму појаснуваат дека законот јасно ги дефинира дејностите кои ќе можат да работат во недела и станува збор само за дејности кои се неопходни за функционирање на државата. Како што се додава, вработените во овие дејности ќе добијат дневница повисока за најмалку 50 проценти и слободен ден во наредните седум дена.
– Во однос на стравувањата на Здружението „Гласен текстилец“ дека преку придружните и помошните дејности во недела ќе работат уште многу други компании и правни субјекти, уверуваме дека тоа е невозможно да се случи бидејќи во членот 2 од Предлогот за изменување и дополнување на Законот за работните односи е дефинирано дека помошните придружните дејности ги пропишува министерот надлежен за работите од областа на трудот преку подзаконски акт. Овој акт мора да се донесе во рок од 60 дена од денот на влегувањето на сила на законот.
Министерството за труд и социјална политика законските измени кои го дефинираат решението недела да биде ден за неделен одмор го подготви во целосно транспарентен процес, а низ таков процес ќе бидат подготвени и подзаконските акти коишто треба да се донесат по усвојувањето на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи – соопшти МТСП.
Истовремено законското решение предвидува контрола од надлежните институции и казни за сите работодавачи кои нема да го почитуваат, што е дополнителна гаранција дека правата на работниците се заштитени.