Во однос на барањето за зголемување на надоместокот заради попреченост, министерката Шахпаска изјави дека е предвидено покачување на износот за најмалку 15 проценти. Поради пандемијата на ковид-19, неговата реализација беше пролонгирана за наредната година.
За потребата на поголема инклузија и вработување на лицата со попреченост, како што се наведува, во тек е проект за унапредување на пристапот на лицата со попреченост на отворениот пазар на труд за што се разгледуваат искуства од другите земји, а веќе е отворена и јавна расправа кај нас со сите засегнати страни.
– Со измените на Законот за социјалната заштита се зголеми достапноста на правото за користење на личната асистенција, односно се намали возрасната граница за лични асистенти од 18 на 6 години. За спроведување на оваа измена, само за оваа година, обезбедени се средства за 200 дополнителни асистенти, а доколку има потреба од повеќе асистенти, нема пречки да се зголеми и оваа бројка – се вели во соопштението од МТСП.
Во делот на зголемување на инклузијата и независноста на лицата со попреченост, МТСП заедно со Националниот сојуз на слепите лица и УНДП неодамна го пуштија во употреба и аудиочитачот – апликација за лица со оштетен вид, кој овозможува олеснет пристап до информации, независност во движењето и завршувањето на секојдневните обврски.
– Во врска со најавениот протест на коалицијата ‘Менуваме’ информираме дека Министерството за труд и социјална политика интензивно работи на унапредување на инклузијата на лицата со попреченост во нашата држава. Потврда за тоа е и постојаното проширување на мрежата на дневни центри за децата со попреченост. Неодамна МТСП го отвори дневниот центар за лицата со попреченост во Липково, а во тек е и изградба на центри за деца со попреченост и во општините Делчево, Чашка, Боговиње и во Скопје – додаваат од Министерството.
Министерката Шахпаска неодамна одржа средба со претставници на коалицијата „Менуваме“ и информира дека сите нивни барања во основа се дел од агендата на Министерството.