Односите меѓу Македонската православната црква-Охридска архиепископија и Вселенската патријаршија не биле анализирани од владиците на МПЦ на вчерашната синодска седница, а по последното интервју на вселенскиот патријарх Вартоломеј, дадено за српска „Политика“, во кое тој не дава конкретен одговор како ќе се решава канонскиот статус на МПЦ-ОА. Архијереите сметаат дека сѐ додека Вселенската патријаршија не испрати официјално писмо до Синодот, тие немаат зошто да коментираат изјави на патријархот Вартоломеј дадени за странски медиум.
Владиката Тимотеј, портпарол на Синодот на МПЦ-ОА, вчера истакна дека на седницата разговарале само за тековни случувања во црквата.
Инаку, владиката Агатангел, надлежен за повардарската епархија при МПЦ, пред неколку дена изјави дека ваквото интервју на патријархот Вартоломеј дадено за српски медиум не ги обесхрабрува во барањето МПЦ-ОА да добие томос за автокефалност.
– Синодот достави барање до Вселенската патријаршија во кое е наведено сето она што ние го имаме како црква и со што го заслужуваме томосот. По таквото барање, очекуваме и позитивно да постапи – изјави г. Агатангел.
МПЦ-ОА останува на ставот дека решението на нејзиниот статус е само признавање на автокефалноста во суштинска смисла, зашто црковниот живот во Македонија, всушност, е континуитет од некогашната Охридска архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ-ОА.
Минатата година, МПЦ-ОА и Владата испратија писмо до Вселенската патријаршија, со барање за заложба за признавање на автокефалноста, на што вселенскиот патријарх изрази подготвеност за решавање на ова прашање.
Во интервјуто дадено за српска „Политика“, вселенскиот патријарх не дава конкретни детали дали и како ќе постапи по случајот со МПЦ-ОА. Тој посочува на разликата меѓу црковните спорови во Украина со оние што ги има Српската православна црква со црквите во Македонија и во Црна Гора. Но истакнува дека Вселенската патријаршија нема намера да го менува Уставот на Српската православна црква, ниту нејзините граници, доколку тоа не е проследено со спогодба или со соработка, како и дека Вселенската патријаршија никогаш не ги пречекорила границите на другите цркви, освен ако за тоа не постојат соодветни услови и поголема црковна потреба.