На денешната синодска седница се очекува владиците да го прецизираат дневниот ред, како и да востановат одредени дополнителни актуелни прашања за кои би се разговарало на соборот
Македонската православна црва – Охридска архиепископија од 5 до 7 октомври годинава ќе одржи Архиепископски црковно-народен собор, во манастирот „Света Богородица“ во Калишта, Струшко, кој се поклопува со јубилејот, еден милениум од основањето на древната Охридска архиепископија, што МПЦ-ОА го слави како поврзување на својот континуитет со ОА. Главни теми на соборот ќе бидат реорганизација и јакнење на кадровскиот потенцијал на Синодот на МПЦ-ОА, како и потврдување на новите епархиски граници на црквата. Се очекува присуство на сите членови на Синодот на МПЦ, како и присуство на по пет делегации од секоја епархија. На соборот ќе има и претставници што не се дел од свештенството, односно претставници од народот.
На денешната синодска седница се очекува владиците да го прецизираат дневниот ред, како и да востановат одредени дополнителни актуелни прашања за кои би се разговарало на соборот.
Можен избор на нови владици
Црковни извори велат дека на овој собор ќе се разгледуваат и измените на Уставот на МПЦ, кои се однесуваат на делот на границите на епархиите, кои беа променети по изборот на двајца владици на некогашната Полошко-кумановска епархија. Исто така, се очекува дека во Уставот на МПЦ ќе се потврди и поделбата на двете епархии во Австралија.
– Засега нема официјални информации кои други уставни измени ќе бидат на дневен ред, освен онаа дека викарните епископи во Синодот ќе немаат право на глас. Засега во Синодот има само еден викарен епископ, владиката Климент, но според неофицијалните најави во иднина се очекува избор на уште неколку викарни епископи – додаваат црковни извори.
Црковно-народниот собор е највисокото црковно тело на МПЦ-ОА, кое треба да ги верификува одлуките што ги носи Синодот.
Историско значење на соборите
Првиот собор се одржал на 4 и 5 март 1945 година во Скопје. На соборот е утврдена вековната желба на македонскиот народ за возобновување на Охридската архиепископија според 17-то и 30-то правило на Вселенскиот собор, и според 800-годишното постоење на Охридската архиепископија како Помесна православна црква како дел од едната, света, соборна и апостолска црква. На соборот е утврдено да се изберат епископи од македонскиот народ, како и да се задржи карактерот на Охридската архиепископија како родна црква на македонскиот народ.
Утврдено е титулата на поглаварот да биде охридски архиепископ, црквата Светиклиментова охридска архиепископија, а архиепископот да биде востоличен во Охрид на тронот на охридските архиепископи. Вториот собор бил одржан од 4 до 6 октомври 1958 година кога е возобновена Охридската архиепископија како Македонска православна црква со тогашни три епархии: Скопска, Охридско-битолска и Злетовско-струмичка. На чело на МПЦ на тронот на охридските архиепископи во Охрид во црквата „Св. Климент Охридски„ („Св. Богородица-Перивлепта“) на 5 октомври 1958 година беше востоличен архиепископот г.г. Доситеј со титула архиепископ охридски и скопски и митрополит македонски, а седиштето на МПЦ е определено во Скопје. На 6 октомври 1958 година е донесен Уставот на МПЦ, раководена според каноните, правилата и преданието на Светата православна црква.
Третиот собор бил одржан на 17 јули 1967 година кога е прогласена автокефалноста на Македонската православна црква на чело со архиепископ со титулата архиепископ охридски и македонски.
Подоцна се одржани уште неколку архиепископски црковно-народни собори на МПЦ во 1994, 2004, 2005, 2008 и во 2012 година.