Фото: „Нова Македонија“

Три нови случаи со морбили се регистрирани викендов во Штип, а тројцата заболени се хоспитализирани. Новозаболените не се вработени во конфекцијата каде што претходно беа регистрирани десет нови случаи на заболени од морбили.

Штипскиот Центар за јавно здравје од денеска треба да добие препораки за полесно спречување на заразата со морбили, а препорака на лекарите е невакцинираните деца да не се носат во игротеки, градинки и други затворени простори.
Покрај тоа, се очекува да се изврши дополнителна дезинфекција на училиштата и градинките во градот.

Изминатата недела поради ширење на заразата во штипска конфекција, каде што заболеа десет лица, беше извршена теренска имунизација на 37 работници. Стравувањата на епидемиолозите се дека е можно да се зголеми бројот на заболени од морбили, со оглед на фактот дека заболените претходно се возеле со автобуси, кои превезувале конфекциски работници и во други погони.
Морбилите претставуваат респираторно заболување и се пренесуваат преку воздушно-капков пат.

По инкубација од 10 до 12 дена се јавуваат зголемена температура од 38 до 40 степени, главоболки, малаксаност, а првиот исип се јавува во вечерните часови во пределот на косата.

Со новите тројца заболени, од февруари до денеска, во Штип и околината вкупно има 23 заболени лица.