Платите за вработените во средното образование се веќе на нивните трансакциски сметки, додека за платите на вработените во основното образование, Министерството за образование и наука исто така ги спроведе сите потребни процедури, соопшти МОН откако денеска Независниот синдикат за образование и наука-НСОН реагираше за доцнење на јулската плата за просветните работници.
– Како што е утврдено во соодветните закони, Министерството за образование и наука ги испрати сите документи потребни за исплата на платите до Министерството за финансии, од каде што добивме повратна информација дека сé е подготвено за реализација на платите на вработените во основните училишта. Сега останува училиштата да ги продолжат понатамошните процедури за финансиски трансфери, така што платите на вработените ќе се пренесат на нивните трансакциски сметки – наведува МОН.
Во соопштението Министерството за образование и наука посочува дека ја дели загриженоста со сите вработени и за секој проблем во областа на образованието.
– Правиме сè што можеме за да ги отстраниме проблемите и да ја подобриме ситуацијата во однос на нивните плати. Наставниците и вработените во образованието се категоријата која дефинитивно заслужува посебно внимание, не само од нас, како ресорно Министерство, туку и од сите други. МОН прави напори не само да се избегне доцнењето, туку наскоро да се зголемат платите за вработените во основното и во средното образование – пишува во соопштението на МОН.