Министерството за образование и наука подготви три сценарија за старт на учебната година од први септември кои заедно со протоколите денеска беа презентирани на Главниот координативен кризен штаб.
Министерката, Мила Царовска, вели дека МОН сериозно се подготвува за успешно спроведување на наставата во услови на пандемија со што ќе се обезбеди континуитет во учењето, но и заштита на здравјето.
– Министерството за образование и наука е подготвено за спроведување на сите три сценарија, но очекуваме да почнеме со првото сценарио. Сите во Владата сме согласни дека најдобро е сите ученици од први септември да се вратат во училишните клупи под протоколите за заштита од ковид-19. Ова е првото и најпосакуваното сценарио, но сепак неговата примена ќе зависи од епидемиолошката состојба за што одлука ќе донесе Комисијата за заразни болести – рече Царовска.
Второто сценарио, рече министерката, е да се оди со хибридниот модел, а планот е со физичко присуство настава да следат учениците од 1-4 одделение, додека останатите ученици наставата да ја следат на далечина.
Третото сценарио, пак, предвидува враќање на сите ученици во училиштата под здравствени протоколи со ротација на присуството на учениците на една недела.
Во прво и четврто одделение од есен ќе се учи медиумска писменост
Образованието треба да создава граѓани што се отпорни на лажни вести. Токму затоа со новата Концепција за основно образование, од наредната учебна година во прво и во четврто одделение започнува да се учи медиумската писменост и критичното размислување. Тие ќе бидат интегрирани во сите предмети, рече министерката за образование и наука Мила Царовска во обраќањето на онлајн конференција на тема „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност“, во организација на Фондацијата „Метаморфозис“ и „Евротинк“. Проектот е финансиски поддржан од Европската Унија, а настанот е кофинансиран и од Фондацијата за слободата „Фридрих Неуман“.
– Не може да се справиме наеднаш со феноменот со кој се бори целиот свет, но сметаме како Влада и како МОН, заедно со нашите партнери, дека ако создадеме генерации коишто имаат повеќе знаења и алатки за справување со лажни вести ќе бидеме поподготвени за битка со лажните вести и за превенција на кризни ситуации креирани со лажни вести – нагласи Царовска.
Со вклучувањето на медиумската писменост во формалното образование учениците уште од најрана возраст ќе учат да пребаруваат, издвојуваат и користат информации од медиумите, но и да ги проверуваат и откриваат лажните вести, велат од МОН.
Царовска рече дека освен на нови наставни програми, МОН интензивно работи и на подготовка на наставниците да знаат да го пренесат критичкото размислување кај учениците. Заедно со Светска банка, во наредниот период ќе се работи и на јакнење на наставните студиски програми на педагошките факултети, кои ќе образуваат наставници подготвени за реализирање на новите наставни програми.
Ставовите за тековните состојби поврзани со спротивставување на напливот на дезинформации и медиумски манипулации преку иницијативи за развој на медиумската писменост, критичкото мислење, проверката на факти и промоција на новинарската етика и стандардите за добро владеење, на денешната конференција ги споделија и амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија Дејвид Гир како и повеќе експерти, активисти и новинари.