Ноќта спроти Илинден, со двете манастирски црешови топчиња, конструирани и изработени од монасите Гаврил Карапела и Гаврил Русанка, бил објавен почетокот на Илинденското востание

Во црквата „Свети Јован Крстител“, во македонското древно светилиште Бигорскиот манастир, во присуство на блиските роднини и пријатели на Владо Богданоски, Јован Мазароски, Ѓоко Нане, Миланчо Бабарчиќ, Крсте Јованоски, Виктор Димовски, Дарко Анѓелковски, Христијан Џогов, Бојан Костоски и Стефан Здравковски, храбри момци од Гостивар, Тетово и од Крушево, кои ја сочинуваат коњицата „Патот на црешовото топче – Бигорски манастир“, и на голем број верници, монасите на манастирот отслужија доксологија и молибден канон, за коњаниците без проблеми, здрави и живи да стигнат на Илинденската прослава во славното Крушево и да се вратат во своите домови. Откако учесниците дадоа заклетва, коњицата беше свечено испратена. Со тоа по деветти пат годинава се одбележува херојството на монасите што ги изработиле црешовите топчиња, на браќата Угрин и Филип Канчевски од Галичник и на галичката чета, кои во тие бурни времиња, со коњи низ планинските беспаќе, двете црешови топчињата и помошта од храна и облека од Галичник му ги доставиле на Главниот штаб на востанието.

Илинден е значаен историски меѓник на македонскиот народ во остварувањето на вековните идеали, за извојување слобода и стремежите да му се стави крај на петвековното турско ропство. Годинава, кога ја одбележуваме 115-годишнината на Илинденското востание и на Крушевската Република, се потсетуваме на подготовките на македонскиот народ во Мијачијата во борбата за слобода. Во сите реони на Македонија беше организирано и тајно се вршеа подготовките за Илинденското востание, да се успее во уривањето на османлиската окупаторска власт и светот да разбере за угнетувањата, за тешкиот неподнослив живот на македонскиот народ.

Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“ беше голема поткрепа на галичко-реканскиот револуционерен комитет на ВМРО, за подготовката на Илинденското востание. Манастирот служеше како главна база за подготовка на комитетот, за сите села околу реката Радика да бидат организирани и покрстени како членови на ВМРО. Притоа, манастирот им служеше и како прибежиште на доста револуционерни дејци, кои во него формираа склад за оружје и логистика. Во сета таа родољубива дејност особено се истакнува игуменот на манастирот, јеромонахот Партениј, кој ги поттикнува своите собраќа, монасите Гаврил Карапела и Гаврил Русанка, да ги конструираат и да изработат две црешови топчиња, со кои беше почната оружената борба против Османлиите во реонот Копачка.

„Бигорскиот манастир низ вековите одиграл значајна улога во јакнењето и зацврстувањето на македонскиот дух на населението во западниот дел на денешната територија на Република Македонија. Документите за ова, во печатена и во електронска форма, заедно со многу книги и записи, изгореа во пожарот во 2009 година. Неколку дена пред Илинден, 2 август, во работилницата во Бигорскиот манастир, монасите Гаврил Карапела и Гаврил Русинка, бутинот им послужил како идеја и врз него го конструирале црешовото топче, а потоа и изработиле две топчиња.

Браќата Филип и Угрин Канчевски од Галичник, кои потекнувале од угледна сточарска и патриотска фамилија, на сопствените коњи ги натовариле топчињата, а на другите биле натоварени храна и облека за востаниците, помош од населението на Мијачијата. По планинските беспаќе биле придружувани од обезбедувањето на галичката чета. Движењето било неизвесно, бидејќи во секое време можеле да бидат откриени од турскиот аскер или, пак, од качачките банди од Албанија, кои често доаѓале во овој регион и вршеле невидени пљачки и убиства. Коњицата пристигнала на договореното место, над селото Душегубица (Кичевско). Ноќта спроти Илинден, со двете манастирски црешови топчиња беше објавен почетокот на Илинденското востание.

Пред неколку години за овој настан сеќавањата ми ги пренесе соплеменикот, тогаш 83-годишниот д-р Јанко Канчевски. „Скришум, да не чујат шпионите, дедо ми Филип ми раскажуваше за подвигот, за движењето со коњите низ планинските беспаќе, кои биле внимателни да не ги откријат непријателите. Со брат му Угрин успеале да ги пренесат црешовите топчиња и муницијата од Бигорскиот манастир на договореното место со комитетот. Топчињата биле товарени на еден коњ и камуфлирани, муницијата, облеката и храната за востаниците, собрана од галичани, била товарена на десетина коњи. За храброста на дедовците ми раскажуваа и татко ми Коста и чичковците Тане, Заге и Драган.

Угрин Канчевски бил многу храбар и голем македонски патриот, секогаш подготвен да го даде животот за Македонија, за македонскиот народ да се ослободи од османлиското ропство, кое било неиздржливо. За пренесувањето на црешовите топчиња и муницијата од Бигорскиот манастир за Крушево му зборувал татко му Ладе, со аманет на дедо му Угрин, приказната да се пренесува од колено на колено, на децата и внуците, а тие исто така да им ја пренесуваат на своите деца и внуци сѐ додека постојат родот и породот“, ми раскажуваше внукот на Угрин, Миле Канчевски.

Ракописот на „Книга за Мијаците“, на Георги Трајчев, напишан неколку години по Илинденското востание, бил отпечатен дури во 1941 година, во Софија. Книгата им ја посветува на Галичник, Мијаците и на Бигорскиот манастир. Трајчев по потекло бил Мијак, роден во Крушево, а во Галичник престојувал како инспектор по образование. Во книгата Трајчев истакнува дека Бигорскиот манастир служел како главна база на дејствување, а биле организирани од игуменот јеромонахот Партениј. Покрај мажите, и жените имале значаен удел во подготовката на Илинденското востание.


Сто години од ѕверското убиство на игуменот Партениј

За големата поддршка на Македонската револуционерна организација, отец Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, како што нѐ запозна неговиот наследник и имењак, архимандрит Партениј, бил затворен од турските власти, а го ослободиле по Илинденското востанието во Битолскиот округ, со амнестијата дадена по убиството на рускиот конзул Ростоковски во Битола. По Втората балканска војна, кога Македонија била окупирана од Србите, триесетина џандари влегле во Бигорскиот манастир и го заробиле игуменот Партениј. Бидејќи откажал да го признае српскиот владика Варнава за духовен началник, тој бил интерниран во Кичево, а оттаму во Призрен, од каде што успеал да избега, прво во Солун, а потоа во Неврокоп, Бугарија. На Божиќ, 1915 година, тој, заедно со дебарскиот владика Козма Пречистански, се вратил во Бигорскиот манастир, наоѓајќи го сосема запустен и ограбен од претходната српска управа. Игуменот Партениј започнал полека да го обновува манастирот.

Но во 1918 година повторно овие простори биле окупирани од српската власт, а отец Партениј се нашол во немилост кај немилосрдните тирани. Така, на средината на ноември, поради тоа што откажал да потпише декларација дека манастирот е српски, тој бил жестоко измачуван и на ѕверски начин убиен, така што, по нарачка на српските власти, една разбојничка група го пресретнала на дрвениот манастирски мост на Радика, го исекла на парчиња и го фрлила во реката.

Годинава се навршуваат точно 100 години од ѕверското убиство на големиот и многу значен бигорски игумен, јеромонахот Партениј. Монасите и нивниот старец Партениј достоинствено ќе го одбележат и ќе си споменат за храброста на игуменот.