Иако членовите на МНТ, кои деновиве се вратија од гостувањето во Кина, не го споделуваат општиот впечаток за драматичната состојба и големата паника во таа земја, луѓето од Балканот што се затекнале и живеат во Кина, за регионалните медиуми, деновиве сведочеа за голема загриженост меѓу нив, но и генерално меѓу населението
Додека Светската здравствена организација (СЗО) очекува пораст на бројот на заразените од коронавирусот во Кина и негово ширење низ светот, поради што вчера и ги повика светските влади да ги преземат сите мерки на претпазливост, а македонското министерство за надворешни работи им препорача на граѓаните да не патуваат во кинескиот град Вухан и во поширокиот регион, каде што до вчера од вирусот починале 26 луѓе, една група овдешни актери штотуку се врати од гостување во Кина. Членовите на групата од Македонскиот народен театар (МНТ) со претставата „Галеб“ од Антон Павлович Чехов на 21 јануари годинава учествуваше на 20-от уметнички фестивал во Пекинг, но никој од нив, по враќањето, во изјавите за „Нова Македонија“ не го споделуваше општиот впечаток за драматичната состојба и големата паника во Кина. Велат дека попрво би зборувале само за впечатоците од претставата, додека текот на патувањето поминало онака како што наложувале здравствените протоколи за сите луѓе што патувале со нив.
– Бевме во Пекинг. Таму немаше опасност од вирусот. Состојбата беше стабилна – кратко одговорија актерите.
Сепак, луѓето од Балканот што се затекнале и живеат во Кина, за регионалните медиуми, деновиве сведочеа за голема загриженост меѓу нив, но и генерално меѓу населението во таа земја.
– Луѓето од моето опкружување многу зборуваат за вирусот и многу се загрижени – изјавила, меѓу другите, Мимоза Вељановска, која живее во Шенжен, кој се наоѓа во јужниот дел од Кина.
Инаку, Македонија нема строга контрола на туристите од Кина или од државите каде што е регистриран коронавирусот. Мерките што ги утврди Комисијата за заразни болести не предвидуваат здравствена проверка на кинеските туристи што влегуваат во државата, ниту на македонските државјани што биле на патување во Кина. Министерството за внатрешни работи нема точна бројка за тоа колку кинески туристи допатувале во земјава во изминатиот период. Велат дека податоците за јануари годинава сѐ уште се процесираат. Последни податоци со кои располагаат се тие за ноември и декември минатата година.
– Во земјава во ноември влегле вкупно 475.953 странски државјани, а во декември 514.883 лица. Во ноември влегле 850 државјани на Кина, а во декември 406 лица – посочуваат од МВР.
Министерството за надворешни работи, пак, вчера излезе со соопштение во кое ги предупредува граѓаните што патуваат во НР Кина на опасноста од коронавирусот.
– Поради брзото ширење на вирусот, министерството препорачува воздржување од патувања во градот Вухан и во поширокиот регион, имајќи ги предвид и превентивните мерки што ги преземаат кинеските власти, со ограничување на движењето и затворање на железничкиот, автобускиот и воздушниот транспорт – посочуваат од МНР.
Оттаму информираат дека македонските граѓани околу развојот на состојбите за подетални информации можат да се обратат во Амбасадата на Република Северна Македонија во Пекинг на дежурниот телефонски број +86 185 1351 2812 или на е-адресата [email protected].
Претходно, од Институтот за јавно здравје најавија дека заради превентивна заштита од коронавирусот на аеродромите во земјава ќе се постават информативни летоци. Засега, како што посочија, нема простор за паника, бидејќи ја следат состојбата и во случај на ескалација се подготвени да преземат дополнителни мерки. Комисијата за заразни болести заклучила дека засега нема да ја стават во функција термалната камера.
Паралелно со тоа, во Кина цели градови се ставени во карантин, ангажирана е војската, забрзано се градат болници, јавниот транспорт е запрен, затворени се храмовите во текот на Кинеската нова година, па дури и пекиншкиот Забранет Град и делови од Кинескиот ѕид, за да се спречи ширењето на новиот коронавирус, од кој до вчера починале 26, а биле заразени повеќе од 800 луѓе.
Забележани се случаи на инфекции со коронавирусот во Америка, Јапонија, Тајланд, Тајван и во Јужна Кореја.
Врз основа на информациите добиени од кинеските власти, се наведува дека изворот на зараза сѐ уште е непознат, иако се претпоставува дека е од животинско потекло.