Според последните информации од повеќе извори, сите македонски државјани кои беа пријавени за евакуација веќе го имаат напуштено Кабул и во моментов се наоѓаат на неколку локации, соопштија од Министерството за надворешни работи.
Од МНР дообјаснуваат дека најголемиот дел, преку 30 македонски државјани се наоѓаат во Свинленд, Велика Британија, над 20 се наоѓаат во Доха, Катар, од каде во наредните денови ќе бидат транспортирани кон европските центри, а потоа кон Скопје, последните наши граѓани кои беа предвидени за евакуирање, а се наоѓаа во НАТО-базата во Кабул, вчера исто така го напуштија Авганистан и се наоѓаат во Осло, Норвешка, информира МНР.
– Во НАТО базата во Кабул се останати само оние кои сѐ уште ги обавуваат своите обврски, и чија евакуација ќе се одвива согласно распоредот за повлекување од самата база – стои во соопштението.
Со ова, сите граѓани кои беа планирани за евакуација се евакуирани и во моментов немаме информација за наш државјанин кој е во загрозувачка ситуација или кому му е потребна асистенција за евакуација, потенцираат од министерството.