Македонските градови минатата година соборуваа светски рекорди според загаденоста на воздухот, поради што власта најави сериозна борба со загадувачите. Со почетокот на есента и пред новата грејна сезона ги сондиравме мислењата на надлежните и на експертите какви се очекувањата за оваа зима
Стари правилници за гранични вредности на загадување, недоволен број инспектори, дотраени мерни станици, доцнење во спроведувањето на мерките се меѓу главните причини поради кои и оваа зима македонските граѓани се исправени пред опасноста да дишат загаден воздух, а виновниците за загадувањето во најголем дел да останат непознати или несанкционирани.
Македонските градови минатата година соборуваа светски рекорди според загаденоста на воздухот, поради што власта најави сериозна борба со загадувачите. Но со доаѓањето на пролетта, темата околу загадениот воздух како да ја загуби актуелноста, па освен најавените краткорочни мерки преку субвенции за набавка на еколошки грејни тела и вградување гасни уреди во возилата, на терен немаше поголема раздвиженост.
Дојде и есен, но уверливи докази дека нешто е направено и состојбата е подобрена во однос на аерозагаденоста сѐ уште нема.
Гасификацијата на домаќинствата доцни и веројатно нема скоро да се случи, а потврда за тоа е и несогласувањето меѓу министерот за економија Крешник Бектеши и скопскиот градоначалник Петре Шилегов за тоа каков да биде моделот под кој би се извела гасификацијата на домаќинствата.
Еколошките здруженија прстот го вперуваат кон власта, обвинувајќи ја дека ветувала почист воздух дури за 50 отсто во првата година од владеењето, а сега се преземаат краткорочни мерки за кои никој не е сигурен како ќе функционираат во практиката. Од друга страна, одговорните велат дека се преземаат мерки, но признаваат дека недостига доследно спроведување на законите, како и казнување на одговорните.
– Нема мерки затоа што не се работи системски. Само во Скопје имаме 52.000 домаќинства што се греат на дрва. Со „Планот за чист воздух“ беше најавено дека во првата година воздухот во Скопје ќе биде за 50 отсто почист. Тоа не можеме да го утврдиме, бидејќи мерните станици не работат – вели Ели Пешева од иницијативата О2.
Таа додава дека уште во ноември минатата година било најавено купување нови мерни инструменти за сите постојни 18 мерни станици, но тоа не е направено.
– На секоја мерна станица има понекој инструмент што не функционира, мерните станици не ни даваат никаква слика, ниту, пак, можеме да детектираме каде се загадувачите – истакнува Пешева.
Според неа, треба да се работи на сите сегменти што придонесуваат за големото загадување на воздухот.
– Тука ни е и транспортот. Налепници за возилата беа најавувани цела година, за на крајот да излезе дека тие ќе се земаат на доброволна основа. Значи тука не сме го решиле проблемот. Транспортот нема да ни биде проблематичен тогаш кога ќе имаме здрав јавен транспорт. Превенцијата не е само во овие сегменти. Индустријата мора да работи со филтри, со технолошки стандарди, градежништвото исто така има критериуми што мора да ги почитува. Сите сегменти, транспорт, индустрија, градежништво, домаќинства мора да се решат во исто време, а не едно по едно – категорична е Пешева.
Сличен став има и Јасминка Симоновиќ од иницијатива „Не биди ѓубре“, која смета дека едукацијата на луѓето за екологијата треба да започне уште од најмали нозе, односно уште во основното образование. Таа се залага за воведување предмет што ќе ги учи децата како да ја чуваат природата.
Според Ана Петровска, државна секретарка во Министерството за животна средина и просторно планирање, во тек е активирање на мерните станици, а тоа би требало да заврши до крајот на неделава.
– Каде се јавува проблемот? Може во текот на годината тие најстари мерни инструменти од 2002 година да откажат. Тоа е ризикот – вели Петровска.
И таа се заложи за подобрување во делот на инспекцискиот надзор, нагласувајќи дека во земјава има добри закони, но проблем е нивната имплементација.
– Стратегиите и законите се добри, но во делот на имплементацијата потфрламе. Имплементацијата е поврзана со казни и стимулации – вели Петровска.
Таа додава дека токму категоријата непознат сторител е многу честа во извештаите, односно записниците на инспекторите.
– Сите инспекции имаат надлежност да спроведат криминалистичка истрага. Тие може да поведат одредени постапки против непознат сторител и да го најдат. Тука има можности за подобрување. Во таа насока е и проект заедно со Американската амбасада, во кој ќе биде вклучен човек што ќе ги следи овие работи – додава Петровска.
Од Државниот инспекторат велат дека иако мал е бројот на инспекторите, тие сепак успеваат да ги завршат задачите.
– Користиме методологија на процена на ризици и постапуваме според неа, така што ги контролираме потенцијалните загадувачи. Ако се прогласи вонредна состојба во државата заради загаден воздух, тогаш и нашите инспектори спроведуваат вонредни контроли – вели Дарко Блинков од Државниот инспекторат за животна средина.
Грејната сезона е на прагот, па останува да се види дали некоја од краткорочните мерки барем малку ќе придонесе во намалувањето на загадувањето на воздухот во земјава.