Работни групи на техничко ниво од Република Македонија и од Република Грција, како и претставници на Делегацијата на Европската Унија, денеска во Скопје одржаа состанок на кој се разговараше за подготвителните активности за отворање на нов граничен премин во месноста Маркова Нога и на територијата на населеното место Лемос на грчка страна, во Преспанскиот регион, информира Министерството за локална самоуправа.
На состанокот била потврдена намерата на двете земји реализацијата на овој стратешки проект да започне што побргу, во интерес на жителите на двете страни од границата. Средствата за изградба на граничниот премин ќе бидат обезбедени од ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Република Грција во вредност од околу четири милиони евра.
– Отворањето на овој граничен премин ќе ги зајакне врските меѓу двете земји и ќе ја олесни комуникацијата и движењето на луѓе и стоки. Во духот на европските вредности, прекуграничната соработка подразбира намалување на бариерите за соработка меѓу земјите и луѓето во регионот, заради обезбедување на услови за подинаминачен развој. Станува збор за прекуграничен регион, што стагнира во развојот. Убеден сум дека со наша иницијативност и со подршка од Европската Унија, ќе успееме да создадеме услови овој приреден потенцијал да биде ставен во функција на развојот на регионот и на граѓаните кои што живеат на двете страни од границата, рекол на состанокот министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу.
Изградбата на граничниот премин треба да заврши до 2023 година, а ќе претходи административна процедура што вклучува и членство на сите надлежни институции, министерствата за надворешни работи, за внатрешни работи, за транспорт и врски, за заштита на животната средина, како и царинските управи.
Од страна на Министерството за надворешни работи веќе се подготвува основниот документ кој што според ИПА правилата ќе биде трилатерален меѓу Република Македонија, Република Грција и Република Албанија.
Албанија е вклучена поради тоа што Европската Унија проценува дека овој граничен премин ќе има директно влијание на економскиот развој на целиот регион. Се очекува документот да влезе во владина процедура до крајот на месецот, по што мешана комисија на техничко ниво ќе ги договара другите детали што треба да бидат усогласени согласно процедурите во трите земји. ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Република Грција е во вкупна вредност од 40 милиони евра, од кои 10 отсто се резервирани за реализација на овој стратешки проект.
Минатата година во рамките на оваа програма беа склучени договори за финансирање на 40 други проекти во вкупна вредност од 30 милиони евра. До крајот на програмскиот период се планира уште еден јавен повик за проекти во вкупна вредност од шест милиони евра на кој што ќе можат да аплицираат невладини организации, општини, институции и други непрофитни субјекти.