По повод глобалниот ден на климатската акција, денеска пред Владата се организираше протест на кој се приклучи македонскиот огранок на „Петоци за Иднината“ заедно со Сојузот на средношколци и Универзитетското студентско собрание при УКИМ.
Целта на овој протест е вршење притисок врз политичките елити да почнат да спроведуваат политики за справување со климатската криза, почнувајќи од воведување на климатската проблематика во формалното образование.
– Последиците на владината индолентност на тема климатска криза веќе ги гледаме преку исушувањето на езерата во земјава. Додека ни се заканува апокалиптично сценарио, младите генерации остануваат целосно неинформирани за оваа закана. Ова мораме да го промениме – велат организаторите.
Со цел одржување на безбедна дистанца поради пандемијата со ковид-19, на протестот беа обележани местата на кои ќе се седи.