Околу 74 отсто од младите во Македонија, на возраст од 18 до 34 години, сѐ уште живеат во примарното семејство, односно со родителите. Оваа бројка ги сместува младите од Македонија меѓу најнесамостојните во Европа
Средната возраст на која луѓето во Европа почнуваат да живеат самостојно е 26 години, но има сериозни разлики меѓу одделните земји. Во текот на 2017 година, младите луѓе од ЕУ што најрано ги напуштале домовите на своите родители се од северните европски земји: Шведска (21 година), Данска (21,1) и Финска (21,9), како и Луксембург (21,4). Потоа следуваат: Естонија (23,1), Белгија (23,4), Холандија и Германија (23,7), Франција (24) и Велика Британија (24,4).
На другиот крај на скалата се Малта и Хрватска, каде што младите најдоцна ги напуштаат домовите на своите родители – на 32,2 и 31,9 години. Исто така во подоцнежниот период од младоста, самостојно почнуваат да живеат и луѓето во Словачка (30,8), Италија (30,1), Грција (29,4), Шпанија (29,3), Португалија (29,2) и Бугарија (28,9).
Македонија, според статистичарите од Евростат, е во втората група земји. Оттаму велат дека околу 74 отсто од младите во Македонија, на возраст од 18 до 34, сѐ уште живеат во примарното семејство, односно со родителите. Оваа бројка ги сместува младите во Македонија меѓу најнесамостојните во Европа.
Првата помисла за причините за ваквата состојба наведува тие да се бараат во економската (не)моќ на младите, односно на севкупната општествено-економска криза. Но психологот Лидија Зорба смета дека економската ситуација е само еден од изговорите за одржувањето на овој „феномен“ во Македонија, чии корени се провлекуваат дури до 60-тите години на минатиот век.
– Повеќе можеме да зборуваме за традиција (секако, во негативен контекст), во која економската немоќ се користи како изговор. А овој т.н. феномен потекнува од изместениот воспитно-образовен систем, и во семејството, и во општеството. Секако, тоа не е официјално декларирано, со план и програма во образованието, туку станува збор за суппсихолошки изговори. Уште од социјализмот, некаде од 60-тите години на минатиот век, па и денес, во Македонија се смета дека човекот е комплетен само ако заврши факултет и добие диплома. Секој поинаков труд се смета за безвреден, а родителите инсистираат на тоа дека обврска на детето е само да учи. Во 60-тите години на 20 век, високообразованите можеби и повеќе можеле да придонесат за општествениот развој, но во денешно време на хиперпродукција на високообразовани (т.е. на луѓе со дипломи), тие не можат да најдат работа. Во меѓувреме сѐ повеќе се прифаќа и влијанието на западниот модел за успешност, според кое, човекот вреди ако стекне порано финансиска стабилност и моќ. Во таквиот судир на модели, односно соочени со општествената економска немоќ за реализација на очекувањата за успешност, се создаваат фрустрации. Па веќе имаме неколку генерации, особено во поголемите градови, кои ги одложуваат природните процеси: одлука за брак, осамостојување, раѓање деца… поради стекнување социоекономски статус – вели психологот Зорба.
Таа смета дека таквата психолошка матрица во која се влезени луѓето во Македонија сѐ уште функционира, а за нејзино одржување треба да се плати одредена цена. Не се ретки случаите кога повозрасните млади (на околу 30-годишна возраст) немаат партнери и немаат самодоверба, иако имаат стекнато одреден социоекономски статус, најчесто со помош на родителите. Минатата година статистиката бележи околу 2.000 разводи во Македонија, меѓу кои најголем е бројот токму на млади брачни парови, кои повторно се враќаат кај родителите.
– Сметам дека и разводите на брачните парови по краток брачен стаж е исто така последица на изместениот воспитно-образовен процес од страна на родителите. Токму родителите во Македонија се оние што ја поддржуваат, дури и вложуваат во одржување на психолошката матрица за колку што е можно подоцнежно осамостојување на своите деца, дури и кога ќе стапат во брак. Зошто едно семејство со две деца, на пример, гради куќа на три ката? Најчестото објаснување е да се обезбеди барем простор за живеење и на децата кога ќе основаат свои семејства. Притоа да бидат близу до родителите, што најчесто е причина, односно оправдување младите да не преземаат иницијатива за осамостојување. Ако младите во Македонија се одделуваат од своето примарно семејство, тоа е најчесто поради заминување во странство, а оние од внатрешноста на земјата – или во странство, или да се доселат во Скопје – објаснува Зорба.
Параметрите што ги испитува Евростат (па и некои други статистички истражувања) за просечната возраст на осамостојување на младите во Европа, речиси редовно ги потврдуваат традиционалните навики – најрано се осамостојуваат младите на северот на Европа, а колку што се оди појужно на континентот, младите сѐ подоцна покажуваат иницијатива за осамостојување. Иако можеби незначително, но сепак повеќе, младите и во традиционално „посамостојните“ средини, почнуваат да го одложуваат мигот на заминување од родителскиот дом. Дали комфорот на родителскиот дом ги има заробено и другите млади низ Европа?
– Ваквата појава би можела да се објасни и со ноторниот факт дека во денешново динамично време на брзи промени, пред сѐ на технолошкиот развој, со кој од најрана возраст се опфатени младите, како да се потрошија некои цивилизациски шокови што ги предизвикуваа младите побрзо и самостојно да го освојат светот. На пример, пред триесетина години во Македонија, предизвик за младите од помалите места беше да се преселат во поголем град, да направат некаков цивилизациски скок. Денес, младите имаат повеќе сознанија и информации (знаат дека подобриот живот не мора да биде некаде на друго место), а брзото и динамично живеење создава несигурност.
Фасцинацијата е потрошена, а надворешниот свет е несигурен, додека некои традиционални вредности, како семејството нудат заштита. Кога на тоа ќе се додаде и конформизмот, можеби е поразбирливо зошто младите милениумци не брзаат со осамостојувањето – додава професорот по социологија, Илија Ацески.
Сепак, социологот Ацески смета дека ваквиот феномен на отсуство на желба за самостојност кај младите (од 18 до 34 години) во Македонија, најмногу се должи на економските причини. Односно и вработен млад човек не може да си дозволи самостоен живот надвор од родителскиот дом, дури и со поддршка на родителите. Уште повеќе таа несамостојност е изразена кога младите ќе формираат свои семејства.
– Општо познато е дека кај нас, во Македонија, голем е процентот на пензионери што ги издржуваат и семејствата на своите деца – илустративно објаснува Ацески.