Доколку договорот е веќе ратификуван од Парламентот, просторот за маневри што ќе го имаме ќе биде многу мал, вели претседателот на Нова демократија во однос на тоа што би направил доколку како идна влада, договорот со Македонија е веќе ратификуван од Парламентот.
Кирјакос Мицотакис, во интервју за грчката телевизија „Скај“, уште еднаш го повтори ставот на партијата дека нема да ја поддржат ратификацијата на договорот и ќе гласа против.
– Нашиот главен приговор за договорот е фактот што господинот Ципрас отстапи нешто за што ниту една претходна влада не сакаше да разговара, за јазикот и за националноста. Односно за суштината на иредентизмот- вели Мицотакис.
На прашањето дали доколку договорот ги содржеше термините „Северномакедонци и „северномакедонски јазик“, ќе беше прифатлив за Нова демократија, Мицотакис вели дека „тоа сигурно ќе беше чекор во правилна насока“.
– Договорот што го потпиша господинот Коѕијас целосно ги отстапи јазикот и националноста на нашите северни соседи, Македонците, како што тие сега се самонарекуваат. Бидејќи тие го имаат правото да се самонарекуваат, не само да се самоопределуваат, туку и правно да се определуваат како Македонци- додаде Мицотакис.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, лидерот на Нова демократија, во интервјуто за „Скај“, рече дека по неговата посета на северна Грција, она што дополнително отвора прашања е трговската употреба. Мицотакис објасни дека разговарал со компании што ја користат придавката „македонско“ и „македонски“ за да го одредат името на компанијата.
– Што ќе правиме? Ќе чекаме пет години за да се решат овие трговски спорови? Со други зборови, договорот, освен главното прашање со националноста и јазикот има и многу други проблеми. И да ви кажам уште нешто. Зошто толку брзање? Зошто толку брзање да се потпише сега договорот?- вели претседателот на Нова демократија.
Мицотакис објаснува дека доколку се одржале избори како што тој барал во изминатите две години, тогаш како премиер немаше да го прифати конкретниот договор.
– Ќе преговарав, но овој договор немаше да го прифатам. И ако требаше да не се согласам, немаше да се согласам. Не бевме обврзани по секоја цена да најдеме сега решение кое што им одговара на Скопјаните, повеќе од што ни одговара нам, вели Мицотакис за ТВ „Скај“- пренесе МИА.