Во февруари или март да се формира техничка влада, a во мај или јуни да се одржат предвремени парламентарни избори, побара на денешната прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Според него, предвремените парламентарни избори се единствено решение за излез од, како што рече, сеопштата криза во државава.
– Предвремените избори не се секогаш најдоброто решение, но во состојба кога е јасно дека постојат сериозни проблеми, кога нема начин ниту пак било каква шанса оваа Влада нешто да промени, кога генерации повторно се оставени конечно да чекаат пред портите на ЕУ, предвремените парламентарни избори се единственото решение за излез од оваа политичка, економска, енергетска, дипломатска, сеопшта криза во државава – рече Мицкоски.
Бидејќи Претседателот Стево Пендаровски бара 61 потпис, да се собере толку потписи за Африм Гаши и тој наместо Димитар Ковачевски да биде идниот мандатар, предложи Мицкоски.
-Да застанеме зад неговото име со 61 потпис бидејќи велеше дека единствена причина заради која ја поддржува Владата е да не го кочи евро-атланскиот процес, кој гледаме дека е закочен. Покрај тоа гледам дека си најде и нова причина, а тоа е да ги реши економската и енергетската криза – рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашања на тема Албанец-премиер.
Тој вели дека ова не треба да се третира како етничко прашање, туку како прашање на компетенции и вештини и дека немаат никаков проблем да дадат поддршка ако е определена личност која ги поседува компетенциите и има план и визија да работи за доброто на сите граѓани.
-Ако таквата личност биде предложена од нас како најголема партија во парламентот и ако биде Албанец, очекуваме ДУИ да го поддржи, но стигна реакција од ДУИ дека тие ќе поддржеле ако ВМРО-ДПМНЕ победи на избори и предложи Албанец. Тоа можеме да го видиме ако се охрабрат и излезат на избори – рече Мицкоски додавајќи дека неговиот предлог е можност за Гаши да се покаже, но и за ДУИ и Али Ахмети да го поддржат него наместо Ковачевски за мандатар на владата.