ВМРО е темелот на Илинден, составен дел од таа борба за слобода и затоа ВМРО му припаѓа на Македонецот, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од село Ташмаруништа, Струга.
Тој рече дека секогаш кога ќе се спомене Илинден треба да се има во предвид дека Илинден не е почетокот, туку влегувањето во финишот на една вековна борба за слобода, каде многу генерации херои и хероини ги положиле своите животи.
– Илинден, не само Крушевското востание туку многу повеќе од тоа, воскрикот на Македонецот на секоја педа македонска почва – рече Мицкоски.
Тој ги спомена и Гоце Делчев, Даме Груев, Татарчев, Никола Карев, Ѓорче Петров, Христо Узунов, Методиј Патчев, Ченто, Пирузе, Панко, Апостолски, за кои рече дека се македонски синови од кои не смееме и немаме историско право да се одречеме ниту да го посрамотиме нивното дело.
– Илинден е и потсетник дека не смееме да скршнеме од патот натопен со крв на хероите кои ги положија животите. Илинден е и наша должност кон нашите предци и паметник за тоа како ја добивме слободата која мора постојано да ја браниме и за која постојано треба да се бориме. Илинден и последниот здив на комитетите и партизаните кои гинејќи за каузата беа верни на делото Смрт Или Слобода – истакна Мицкоски.
Во политичкиот дел од говорот, тој зборуваше за Зоран Заев упатувајќи низа обвинувања за политиките предводени од власта, а се осврна и на случајот „Рекет“. Мицкоски подвлече дека СЈО веќе не е алатка за носење на правда, туку алатка во рацете на Зоран Заев и власта за правење на неправда.