Владата предводена од СДСМ и Министерството за образование и наука, од оваа есен започнуваат со имплементирање на образовен процес „Учи паметно, работи стручно“ низ кој учениците добиваат пракса и потенцијално вработување по завршување на образованието, рече на денешната прес-конференција претседателот на СДММ, Марко Михаилоски.
Како што нагласи тој, на овој начин компаниите добиваат стручно оспособен кадар кој е подготвен да одговори на дадените работни обврски.
– Конкурсот за упис во средните училишта 2021/22 година преку заедничка соработка на МОН, ЛС и Компаниите им овозможува на учениците брз и успешен настап на пазарот на трудот, им дава добра основа за натамошна високообразовна надградба, гарантира добра заработка, конкурентност и финансиско осамостојување на младите, обезбедува големи економски ефекти и ја намалува младинската невработеност, а пак компаниите добиваат добро подготвени и веднаш вработливи кадри – посочи претседателот на социјал-демократската младина.