Државниот министер за Европа на германското Министерство за надворешни работи Михаел Рот, денес ќе престојува во работна посета на Македонија.
Рот во Охрид ќе има средба со неговиот домаќин Никола Димитров, по што двајцата ќе учествуваат на интерактивната дебата на тема „Македонија на патот кон ЕУ“. Фокусот на дебатата ќе биде на придобивките од ЕУ членството во унапредувањето на заштитата на животната средина, промоцијата на политики на одржлив развој и поттикнување на граѓанскиот еко-активизам, соопшти Министерството за надворешни работи.
Дебатата е организирана од Министерството за надворешни работи, и Амбасадата на Сојузна Република Германија, во соработка со општина Охрид и Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија. На настанот се планирани обраќања и на градоначалникот Јован Стојановски и заменик министерот за животна средина Јани Макрадули.
За време на престојот во Охрид, министерот Рот ќе ги разгледа поважните знаменитости на градот, а ќе го посети и Националниот парк Галичица.