По повеќе од 23 години од обидoт за атентат врз првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров, продолжува мистеријата околу нарачателите, организаторите и извршителите на овој грозоморен акт, но и за тоа која беше вистинската причина да се посегне по животот на претседателот на државата. Во изминатиот период со свои видувања околу атентатот се јавија многумина стручњаци, новинари, сегашни и бивши припадници на безбедносните служби, политичари…
Повеќето се согласни дека атентатот бил извршен од високи професионалци, дека сè било до детаљ испланирано, стручно спроведено и дека Глигоров имал голема среќа што преживеал.
Истрагата за случајот сѐ уште не е официјално затворена и многу прашања и понатаму останаа неодговорени, иако за атентатот се напишаа и неколку книги од различни автори. Сепак книгата што последна ѝ го сврте вниманието на јавноста беше онаа со мемоарите на поранешниот (прв) претседател на Собранието на Република Македонија Стојан Андов, насловена „До атентатот и по него“.
Првиот спикер на Македонија со книгата ја брануваше јавноста, но и ги зовре страстите и на поранешниот министер за внатрешни работи Љубомир Фрчковски, кој во неа е директно посочен, како одговорен што не е расветлен обидот за убиство на претседателот Глигоров. Но се отиде и чекор понатаму, па на промоцијата на книгата на Андов дури Фрчковски беше и индиректно посочен како можен соучесник, односно организатор на атентатот на Глигоров, што потоа предизвика бурни реакции и реагирања во јавноста. Како што дознава „Нова Македонија“, тогашната медиумска преписка и расправии меѓу Андов, како автор на книгата, и професорот Фрчковски сега влегува во нова фаза каде што на суд ќе се бара разврска за изнесените ставови и тврдења. Според нашите информации, проф. Љубомир Фрчковски поднел тужба за изнесени невистини против првиот спикер во македонскиот парламент Стојан Андов.
Иако „Нова Македонија“ се обиде да побара коментар од професорот Фрчковски за поднесената тужба против Андов, до затворањето на весникот сепак не успеавме да добиеме одговор од негова страна.
Од друга страна, првиот претседател на Собранието, Стојан Андов, во изјава за „Нова Македонија“ кратко истакна дека на неговата домашна адреса пристигнало тужбено барање од професорот Фрчковски притоа избегнувајќи да посочи конкретно за што станува збор.
– Судот ми достави текст преточен во тужба. Во овој момент со моите стручни соработници ја проучувам и ја анализирам тужбата за во следниот период да преземам соодветни чекори и да одговорам на тужбеното барање – ни изјави кратко Андов.
Инаку во книгата на Андов, меѓу другото се наведени и сомневања дека организатори на атентатот на Киро Глигоров се поранешните функционери на тогашната актуелна влада. На ваквите написи преточени во мемоари, периодов се огласуваше и ги демантираше професорот Љубомир Фрчковски во јавноста преку свои колумни, но и натписи на социјалните мрежи.
– Во време на атентатот на Киро, за тој трауматичен момент за нацијата и сите нас, посебно оние што беа блиски до него – Стојан беше скандалозна невкусна, драма. Него само го паметиме како влетувач во кабинетот и фотелјата на Киро, следниот саат по атентатот кога сите бевме во шок и растрчани по болници и како разговара со Милошевиќ, а овој му нудел помош околу атентатот. Целата конструкција и злоупотреба со оваа траума за нацијата Стојан ја насочува на лични одмазди и импутирања сомнеж и конспирации. Во таа смисла, тоа е монструозен безобѕирен гест, независно каква амбиција стои зад тоа – реагира тогаш Фрчковски.
Првиот претседател на македонското собрание на ваквите коментари пак возврати дека останува на тоа што го напишал и сѐ што имал да каже кажал во својата книга.