Министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири, го претстави предлог-буџетот на МИОА за 2021 година, осврнувајќи се на тековните и идните проекти во насока на развој на дигитализацијата и професионализација на администрацијата.

Посочувајќи дека, при изготвувањето на предлог-буџетот се водело сметка да се најде баланс меѓу оптимизацијата на расходите на јавната администрација и дигитализацијата на јавните услуги, министерот Шаќири соопшти дека вкупниот предлог-буџет на Министерството за информатичко општество и администрација за 2021-та година изнесува 1.179.142.000 денари.

– Буџетот е составен од средства за финансирање на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Националната Радиодифузија и Националната Радио Телевизија, средства за работа на МАРнет, средства за дигитализација на услугите за граѓаните и бизнисите и средства насочени кон зголемување на ефикасноста и ефективност на администрацијата и процесите внатре, институционално – рече Шаќири.

Првиот столб, односно најголемиот дел од овие средства, 900.000.000 денари, се одвојуваат за финансирање на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Националната Радиодифузија и Националната Радио Телевизија. На овој начин, како што рече, граѓаните се ослободени од трошоци, а од друга страна овие институции добиваат редовни и предвидливи средства, односно се овозможува нивна автономност и независност.

Според министерот Шаќири, вториот столб во буџетот на МИОА е буџетот на МАРнет кој изнесува 14.514.000 денари. Со одвојување на средства во буџетот, а и како дел од Националниот оперативен бродбенд план, ќе се инвестира во поврзувањето на Универзитетите и сите останати образовни и истражувачки установи во мрежата на МАРнет, што ќе придонесе кон реализација на целите поврзани со зголемување на потребите по користење на броадбенд услуги и нивна промоција како и намалување на дигиталниот јаз.

Министерот Шаќири понатаму посочи дека, од останатиот дел од предлог-буџетот за 2021 година, односно третиот столб со буџет од 60.624.000 денари, голем дел од средствата се предвидени за дигитализација на услугите и полесен, побрз, поефикасен пристап до нив за граѓаните и бизнисите.

– Централниот регистар и Националниот портал за е-услуги се основата која е воспоставена. Сепак, истите бараат надградба и одржување. Порталот, кој сега овозможува дел од електронските услуги и само за граѓани, ќе биде надграден и за бизнисите. За овие проектираме поддршка од ЕУ, преку ИПА програмата – рече министерот, додавајќи дека со нов проект со кој ќе се дигитализираат клучните регистри за граѓаните и бизнисите и ќе се развијат околу 130 нови електронски услуги кои ќе се нудат преку Националниот портал за е-услуги.

Сите услуги, достапни до сите граѓани се нашата приоритетна цел за наредната 2021 година. Затоа, вложуваме во доближувањето на услугите до граѓаните на два начини: преку центрите за „Една точка за услуги“ и преку набавка на хардверско и софтверско решение за издавање на документи“, рече министерот Шаќири.

– Преку средствата обезбедени за членство во Инцијативата за Отворено владино партнерство, ги утврдуваме темелите на отворени, транспарентни, сигурни и ефикасни владини институции, кои комуницираат и соработуваат со граѓаните – посочи министерот.

Претставувајќи го предлог-буџетот, министерот Шаќири се осврна и на програмата ИСА 2 на ЕУ со која се поддржува развојот на дигитални решенија за јавната администрација, бизнисот и граѓаните во Европа со што се овозможува поголем бенефит од прекугранични и меѓу-секторски јавни услуги.

Средства во буџетот за 2021 се издвоени и за пенатрациско тестирање на системите , за државен репозиторум за изворни кодови и регистар на софтверските решенија развивани за потребите на државата, како и за Електронски систем за автоматизација на административни постапки (еСДП).

– Со воведување на Електронски систем за автоматизација на административни постапки (еСДП) секоја работна задача кон вработените кои спроведуваат управни постапки ќе се задава јасно и прецизно со можност во реално време да се следи нејзиното извршување. Владата на Република Северна Македонија планира до крајот на 2021 година да го воведе овој систем во најмалку 30% од вкупниот број на органите на државната управа, а до крајот на 2024 година во сите органи на државната управа. Со ова, ќе се зголеми ефективноста и отчетноста за работата на административните службеници кои спроведуваат управни постапки и полесен и побрз пристап на граѓаните до административна правда – рече министерот Шаќири.

За четвртиот столб, посочи министерот, се планирани 90.424.000 денари и тоа за: дигитализација и ефикасна администрација, за обуки на вработените, обуки на сите нивоа во администрацијата за спроведување на Законот за општа управна постапка, како од гледна точка на администрацијата, така и од корисниците на услуги односно учесници во административните постапки, издвојуваме и средства за софтвер за е-инспекторати, со кој значително ќе се олесни и ќе стане поефикасна работата на инспекторатите.

На крајот, министерот посочи и дека се вложува и во други два система: информационен систем за управување со човечки ресурси и Документ Менаџмент Системот. Првиот е основа за анализи и креирање на политики согласно потребите на институциите. Со вториот, се вложува во електронското управување со документи. Преку Националниот систем за управување со документи- ДМС системот институциите ќе може да разменат документи во електронска форма. Размената на документите ќе биде во реално време.

Во прилог интегралното обраќање на министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири на прес-конференцијата.