Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска имаше работна средба со раководствата на репрезентативниот Македонски полициски синдикат и Независниот синдикат на полицијата.
– Министерот Чулев истакна дека е свесен за огромниот број на поплаки на полициските службеници за претходно спроведената систематизација, и дека ќе се воведе механизам за заштита од повреда на правата на вработените преку зголемен надзор и проверка на издадените решенија. Во таа насока министерот Чулев ги информираше дека донел одлука за стопирање на решенијата кои се уште не се врачени. На средбата беше договорено преставниците на синдикатите да испратат писмена информација за нивниот став во однос на последните распределувања кои предизвикаа реакции во јавноста – соопшти МВР.
На средбата се разговарало за тековните состојби во министерството, а пред сè, се наведува во соопштението, целта сите полициски службеници професионално да придонесат претстојните избори да поминат во најдобар ред односно да се обезбеди фер и демократски изборен процес.
– Беше потенцирано дека било какво непочитување на законите соодветно ќе биде санкционирано. На средбата беше договорено и да биде формирана комисија за ревизија на сите правни акти издадени во последниот период во Министерството за внатрешни работи, со учество на синдикатот, која треба да утврди дали се направени неправилности и да подготви соодветен извештај – соопштија од МВР.