На маргините на Министерскиот форум ЕУ-Западен Балкан, што се одржува во Брдо кај Крањ во Република Словенија, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски оствари билатерални средби со Координаторот на ЕУ за борба против тероризмот, Илка Салми, Еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон и директорката на Европската канцеларија за поддршка во областа на азилот (ЕАСО), Нина Грегори.
„Постигнувањата на земјата во однос на исполнување на препораките од заедничкиот Акционен план за борба против тероризмот се неспоредливо позитивни во изминатиот период. Посебно значајни резултати постигнавме во 2020, кога беше сузбиена 11-члена терористичка организација, а во рамки на случајот беше запленета и поголема количина оружје, муниција и експлозив“, истакна министерот Спасовски на средбата со европскиот Координатор за борба против тероризмот Салми.
На средбата беа поздравени остварувањата во текот на 2020/2021 од аспект на 11 донесени правосилни пресуди од областа на борба против тероризам, со кои е изречена казна затвор на 11 лица, како и преземената солидарна одговорност на Република Северна Македонија, како земја членка на НАТО, активно да се вклучи во заложбата на меѓународната заедница да ги заштити цивилите изложени на ризик во Авганистан, кои биле вклучени во демократските промени во земјата и работеле со меѓународни организации и агенции.
Билатералната средба со еврокомесарката Илва Јохансoн помина во знакот на повеќе прашања од аспект на внатрешните работи, а акцентот беше ставен на миграцијата и борбата против организираниот криминал. За време на разговорите беше нотиран значителниот напредок на државата во областа на правдата, слободата и безбедноста и вложените напори за исполнување на потребните критериуми, што резултираше со препорака за отворање на пристапните преговори без никакво одлагање согласно последниот извештај на Европската комисија.